По неодамнешниот концерт на Дино Имери во Белград, каде што настапи со уште двајца врвни музичари – Роман Симовиќ на виолина и Драган Ѓорѓевиќ на виолончело, а кој заврши со овации во преполната сала во „Коларац“, нашиот пијанист приредува уште еден значаен настан. Станува збор за „Недела на Бах“, којшто на различни локации во Скопје ќе се случува од 2 до 7 декември.

Во соработка со германската амбасада и поддржано од Министерството за култура и туризам, ќе се одржат концерт, музички работилници за деца и предавања, кои од различни аспекти ќе ни ја претстават музиката, филозофијата, животот, на најголемиот композитор на сите времиња, Ј.С. Бах.

Имено, централниот настан на „Недела на Бах“ е концертот на „волшебникот на пијаното“, Дино Имери, со наслов „Кодот на Бах“, којшто ќе се случи на 4 декември во Културно-информативниот центар (Салон 19,19). Рецитален настап, на кој Имери ќе го изведе најпознатото и едно од најкомплексните дела на славниот композитор, неговите „Голдберг варијации“, коешто се смета за споменик во целокупната западна класична музика.

На 2 декември, пак, кога и официјално ќе започне „Неделата на Бах“, на Факултетот за музичка уметност, со почеток во 13 часот, Дино Имери ќе одржи отворено предавање пред студентите, на кое ќе се осврне претежно на создавањето, идејата и композиторската структура на „Голдберг варијациите“.

На 6 и на 7декември, за децата во ООУ „Љубен Лапе“, односно за децата во СОС „Детско село“, Имери и Иванова ќе одржат музички работилници во вид на претстава, под наслов „Голди, Бах и музичкото село“. Автор на приказната е Тина Иванова, којашто ќе се јави и како наратор, заедно со пијано придружба и нарација на Дино Имери. По завршувањето на целиот настан, во просториите на ЕУ Инфо центарот, ќе се одржи отворено предавање за творештвото на Ј. С. Бах „Универзалниот јазик на Бах – што неговата музика може да не научи денес?“, кое е замислено во вид на интервју, низ кое ќе се откријат повеќе аспекти и за денешното влијание на големиот германски музички автор.

ИЗДВОЕНИ