Се очекува оваа недела граѓаните да ги почувствуваат ефектите од владината одлука за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи. Цените на 73 прехранбени производи што се дел од есенската потрошувачка кошничка, треба да бидат пониски до 31 октомври.
Од Министерството за економија велат дека одлуката ќе почне да се применува веќе следниот ден откако ќе излезе владината одлука во „Службен весник“.
Производите вклучени во есенската кошничка треба јасно да бидат обележани на полиците, фрижидерите и во разладните уреди со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоците за живот, кои покажуваат дека во август годинава, во однос на декември лани, е евидентирано зголемување на трошоците за храна за четири проценти.
– Согласно со податоците, во консултација со работната група што беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд, за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и за безалкохолни пијалаци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци на трговците. Нашите проценки се дека со стапувањето во сила на оваа одлука, трошоците за храна и за безалкохолни пијалаци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошничка, за групата храна и пијалаци – истакна министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата и за изнаоѓање решение со коморите, трговците, увозниците и со производителите на храна за стабилизирање на цените, ќе бидат приоритет.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата, во изјава за медиумите, рече дека со есенската потрошувачка кошничка се опфатени производи што граѓаните најмногу ги користат.
– Оваа есенска кошничка е целна и е резултат на анкета што е правена со граѓаните за тоа кои се производите што се најкористени оваа есен. Ќе има иста таква кошничка и пред новогодишните празници, ќе има и пролетна кошничка, така што нашата цел, како Влада, е производите што се најупотребувани од граѓаните, да бидат опфатени со оваа мерка – истакна Мицкоски.
Според опозицискиот СДСМ, мерките на Владата се задоцнети и нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.
– За жал, по најавената мерка на Владата дека се замрзнуваат маржите на само 73 производи, граѓаните не треба да очекуваат некаков ефект. Оваа мерка е калкулантска политика на Владата, колку да замачкаат очи дека направиле нешто под притисок на јавноста. Сега е повеќе од јасно зошто чекаше Мицкоски со недели за намалување на цените на производите. Целта била да се најде решение колку да го има, и тоа е во интерес на трговците, а не во интерес на граѓаните, ниту нешто особено ќе им помогне – оценија од СДСМ.
При крајот на месецов треба да стапи на сила Законот за нефер трговски практики. Надлежните очекуваат дека со него, исто така, ќе има намалување на цените.
– На крајот од месецов, ќе стапи во сила Законот за нефер трговски практики. Набавувачите и купувачите ќе се усогласат во однос на рабатот и на дополнителните трошоци, значи ќе се ограничи маржата за 10 проценти кај овие набавувачи и купувачи, со цел цената на 2.458 производи, кои ќе бидат опфатени со таа листа, да биде намалена за граѓаните – рече Дурмиши.
Покрај есенската кошничка, од Владата најавуваат дека ќе има и божиќна, рамазанска и велигденска, со ограничено времетраење пред и во текот на празниците, кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.