Неговите кавали се сувенири во многу домови во Америка, Канада, Австралија и на нив свират многу познати кавалџии

Милован Дачев живее во скопското село Трубарево, а со изработка на кавали се занимава пред повеќе од 30 години. На неговите кавали свират многу познати кавалџии, Ангеле Димовски, неговиот син Гоце Димовски, кој е член на групата „Синтезис“, потоа Стевче Стојковски кој настапува во оркестарот на Македонската радио телевизија... Неговите кавали можат да се сретнат и во домовите на многу иселеници од Канада, Америка, Австралија кои ги купуваат како сувенири. И покрај тоа што ова го работи со голема љубов, вели дека изработката на кавалот не е едноставна работа и потребни се повеќе часови работа. Од продажба на кавали нема голема заработувачка, но желбата и љубовта да направи нешто со сопствен потпис е голема

389

Милован Дачев е еден од ретките во Македонија кој се занимава со уникатен занает – изработка на кавали. Љубовта кон овој традиционален музички инструмент му се родила уште како дете кога постојано ги слушал неговите звуци од овчарите кои им свиреле на овците и музичарите кои свиреле на селските свадби. Со техниката на изработка на кавалот која веднаш го привлекла неговото внимание се запознал малку подоцна, но многу брзо ја усовршил. Неговите кавали освен кај познатите кавалџии можат да се сретнат и во домовите на многу иселеници од Канада, Америка, Австралија кои ги купуваат како сувенири.
Милован вели дека изработката на кавалот не е едноставна работа и потребни се повеќе часови работа. Самата изработка има неколку фази и трае од 2 до 3 дена. Вели дека покрај желбата и љубовта потребно е многу трпение, бидејќи правењето на шарата бара многу време и прецизност.

-Потекнувам од светиниколското село Строиманци и уште како дете имав прилика да се запознам со овој музички инструмент кој едноставно ме плени со својата традиционална шара. Секој кавал е уникатен, бидејќи има посебна шара која е препознатлива и неповторлива. Кавалот се прави од јасен, но потребно е да се одбере дрвото додека е сирово за да може да се обработува. Се зема стебло најмногу еден метар од земја, бидејќи само од таму може да ја има потребната цврстина. Додека е сирово се дупчи на средина, а на него се прават 12 дупчиња. Од нив само 8 свират, а другите се слободни. Откако ќе се оформи како инструмент потребно е да му се даде лик, да се одбере шара. Потоа дрвото се делка, се мазни, а одредени делови се затемнуваат со јаглен. Кога ќе се завршат сите овие постапки се премачкува со зејтин, вели Милован.

Тој појаснува дека колку е кавалот подолг толку дава подлабок тон, а најчесто кавалите се изработуваат со должини од 64, 69, 71 и 81 сантиметар. Вели дека мајсторијата е во тоа да знаеш на кое растојание да ги поставиш дупките за да даде добар звук.

Исто така потребно е кавалот да тежи од 60 до 70 грама, но најважно е за каква намена се користи. Доколку се купува за сувенир тогаш тежината и не игра толку голема улога, но ако се купува за свирење тогаш вистинските мајстори знаат да го препознаат тоа. Тие пробуваат повеќе кавали и на крај одлучуваат кој да го купат тој што им лежи.

Милован вели дека од продажбата на кавали нема голема заработувачка, но желбата и љубовта да се направи нешто со сопствен потпис е голема. Еден кавал чини 50 евра, а има нарачки од секаде.

-На моите кавали свират доста кавалџии, Ангеле Димовски, неговиот син Гоце Димовски, кој е член на групата „Синтезис“, потоа Стевче Стојковски кој настапува во оркестарот на Македонската радио телевизија… Имам нарачки и од многу иселеници кои сакаат овој македонски традиционален инструмент да го имаат како сувенир. Па така моите кавали можат да се најдат во многу домови во Америка, Канада, Австралија…, вели Милован.

За да се заштити кавалот, тој вели дека не треба да се мачка со боја или лак, туку одвреме-навреме да се премачкува само со масло. Исто така важно е како се чува.

-Дрвото е еластично и со тек на време може да се искриви. За да не дојде до тоа потребно е кавалот да се постави на рамна површина, односно во него да се протне посебно изработено дрво во вид на сукало кое ќе го држи исправен. Колку е кавалот постар тој е поквалитетен и дава почист тон, вели тој.

И покрај тоа што знае да свири на кавал вели дека тоа го прави понекогаш онака за душа. Но и после изработката на секој кавал мора да го проба како свири и да види што треба да се поправи, доработи.

Кавалот освен во Македонија се изработува и во други земји, изработката горе-долу е слична само со него секаде се свири различен вид музика. Кај нас се користи во традиционалните македонски песни и во народната музика, а некаде на него се свири џез, блуз…

(А.С.)