Невреме во регионот: Поплави во Хрватска, излеани реки во Словенија, голем број улици во Република Српска под вода

294
Фото:принтскрин РТРС

Невреме пропратено со дожд ги погоди Словенија, Хрватска и Република Српска. Во Словенија се излеа реката Соча, поради што пожарникарите мораа да реагираат. Силниот дожд што падна во Загреб ги принуди и службите да интервенираат. Поплавени се улиците во Бања Лука. Невремето доаѓа и во Србија.

Реката Соча и нејзините притоки на запад од Словенија се излеаа по обилните дождови во областа Бовец и поплавија патишта, подруми и ниви, јавуваат словенечките медиуми.

Противпожарните служби евакуирале 30 лица откако одрон го блокирал патот во градот Лепена во Словенија, јавува агенцијата СТА.

Најголемо количество врнежи се регистрирани во Бохињ и Посочје, објави порталот Метеоинфо.

Рекордни врнежи за Словенија се забележани во Вогел кај езерото Бохињ, при што за 24 часа наврнале 378 литри дожд на метар квадратен.

 

Градот Мека Драга кај Обровац во Хрватска беше поплавен поради обилните дождови кои наврнаа во текот на денот.

Како што може да се види на видеата што читател на порталот Индекс ги даде за хрватските медиуми, некои улици се урнати, а куќи и угостителски објекти се поплавени.

Во Загреб невреме пропратено со големо количество дожд го зафати подрачјето на Загреб и Загребската жупанија.

На една раскрсница дрво паднало врз случаен минувач, кој потоа бил пренесен во болница.

Службите во Загреб добиле десетина пријави од граѓани за последиците од невремето, соопшти Управата за цивилна заштита.

Во Бања Лука обилниот дожд предизвика големи проблеми во најголемиот град на Република Српска, особено во сообраќајот.

Голем број улици се под вода поради обилните врнежи, поради што сообраќајот е многу отежнат, соопшти РТРС.