„Апокалиптика“ (Apocalyptica) – тој доаѓа од Финска, свири симфометал (што и да е тоа) и е, веројатно, најголемиот трибјут бенд од таа метал-сцена. Свири обработки на песни од многу метал-групи („Sepultura“, „Pantera“, „Faith No More“ …), свири и свои песни, но најмногу ги обработува песните на кралевите на метал-звукот – „Металика“ (Metalica).

Всушност, нивниот подем започна со првата плоча издадена во 1996 г., под наслов „Plays Metallica by Four Cellos“, каде што три виолончела и тапани ги обработија песните на „Металика“, што навистина беше нешто ново. Оттогаш издадоа десет албуми, постигнувајќи светска слава и така овенчани со слава, дојдоа во Скопје, промовирајќи го последниот албум „Plays Metallica Vol. 2“, издаден во 2024 г.

Концертот се одржа во полната сала „Борис Трајковски“, во организација на „Password produkcija“, како дел од фестивалот „Таксират“. Некому тој вид музика не му се допаѓа, некому не му пречи, некој е нивни обожавател, некој дошол да види што е тоа толку посебно, но она што го понудија таа вечер овие четворица Финци беше покажување на елеганција, енергија, моќ, не оставајќи никого рамнодушен.

Концертот траеше околу 90 минути, но и да траеше пет часа, посетителите ќе останеа да слушаат маѓепсани од она што беше пред нив. Немаше некој незадоволен, немаше некој рамнодушен, едноставно тој звук ги придвижи и мозокот и телото на секој посетител. А, на огромната бина, музичарите перфектно ги командуваа своите инструменти, рипаа, се потеа, викаа, позираа, комуницираа со публиката, вистински професионалци, кои, се гледа, иако се повеќе од 30 години на сцената, сè уште ја имаат таа нишка што ги поврзува сите заедно, а тоа е љубовта кон ваквиот вид музика.

Вакво нешто ретка се гледа, особено кај нас, и тоа од група што сè уште се држи високо на светската музичка сцена. Честитки за сите оние што на некој начин беа во организацијата на целиот овој настан, честитки за публиката (всушност, сите тие групи постојат за неа – публиката) и, секако, честитки за членовите на „Апокалиптика“, кои дадоа сè од себе да го направат овој концерт неверојатен.

Љупчо Давчев