Рената Младеновска, директор на ДСЗИ, за весникот ВЕЧЕР потврди дека со контролите ќе бидат опфатени сите градини на територијата на град Скопје и државните и приватните. Како што велат од министерство за здравство вака се постапува согласно со законските надлежности предвидени со Закон за заштита на населението од заразни болести. Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник на 11 март со издавање на решение за забрана на прием на деца кои не се имунизирани со ди-те-пер или се нецелосно имунизирани со оваа вакцина која штити од голема кашлица
Во градинките што се на територијата на град Скопје, од понеделник 11 март нема да се примаат дечиња кои не се вакцинирани со ди-те-пер, која штити од голема кашлица. Инспекторите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе бидат на терен и ќе ги контролираат потврдите за комплетна имунизација. Ова е препорака на Комисијата за заразни болести ја потврдија и од Министерството за здравство, а одлуката вчера ја потпиша министерот за здравство Илир Демири. Како што велат од ресорното министерство, вака се постапува согласно со законските надлежности предвидени со Закон за заштита на населението од заразни болести.
-Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник на 11 март со издавање на решение за забрана на прием на деца кои не се имунизирани со ди-те-пер или се нецелосно имунизирани со ди-те-пер. Одговорните лица во предучилишните установи ќе обврзани да изготват список на сите невакцинирани деца со ди-те-пер – информираат од Инспекторатот и дополнуваат дека децата не треба да се примаат ако имаат инфективни заболувања.
Рената Младеновска директор на ДСЗИ за весникот ВЕЧЕР ни потврди дека со контролите ќе бидат опфатени сите градини и државните и приватните.
-Контролите нема да ги исклучат и приватните градинки, препораките се однесуваат и за нив на територијата на град Скопје, каде што е прогласена епидемијата – потврдува Младеновска.
Од ДСЗИ исто така посочуваат дека од градинките треба детално да информираат, особено ако некое дете заради боледување подолго е отсутно.
Овие препораки и мерки се последица на тоа што на осми февруари годинава Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија на ниво на Град Скопје. Препораката за прогласување на епидемија ја даде Комисијата за заразни болести. Комисијата препорача и масовна имунизација на невакцинираните деца со ди-те-пер и за период од нешто повеќе од еден месец имунизирани се околу 23 илјади дечиња. За возрасните имунизацијата се очекува на стартува на 15 март, кога ќе пристигнат вакцините за таа намена.
-Предност за имунизација за заштита од голема кашлица ќе имаат возрасните кои што живеат со мали деца, вработени кои што работат со деца и бремените жени по 6 месец од бременоста – велат од КЗБ
Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеца, втората доза на возраст од четири месеци и третата доза на возраст од шест месеци.
Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарна вакцинација, на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст.
(В.Ма.)