На 21 ноември го славиме Св. Архангел Михаил, ден посветен на големиот светец, Архангел Михаил.
На големиот ден се прави и најчестата слава за православните верници во Македонија. Домаќинствата кои слават мора да имаат празнична свеќа, колач што се пече во домот каде се одржува прославата и секако жито.
Свети Архангел Михаил е симбол на борбата против злото, а на иконите и фреските е претставен како небесен воин во воена опрема, со меч, копје и зол дух кој, врзан со синџири, лежи пред неговите нозе.
Неговиот култ настанал во III век и се развил најпрво во Фригија. Како празник, Денот на Архангел е востановен еден век подоцна, во времето на Силвестер Први Римски и патријарх Александар Александриски.
Луѓето веруваат дека времето на Архангел покажува како ќе биде во текот на зимата и пролетта. Се верува дека овој зимски светец скита наоколу маскиран во просјак и ги води неверниците на вистинскиот пат.
Во четврток задолжително одете во црква и запалете свеќа. Молете се на ангелот. На овој ден, во текот на денот, замолете го ангелот да ви ја исполни најдлабоката и најважна желба. Отворете ја душата и срцето, споделете радости и таги и на крајот кажете благодарам. Небото прима молитва цел ден.