НБ: И кредитите и депозитите со раст во април

126

Раст на кредитите и депозитите е забележан во април. Податоците на Народната банка покажува дека растот е забележан и кај секторот население и кај домаќинствата. Годишно растот на депозитите е 13,1 отсто, додека кај кредитите 8,9 отсто.

Во април, вкупните кредити забележаа месечно зголемување од 0,5 отсто. Кредитниот раст на месечно ниво произлегува од зголемувањето на кредитирањето на двата сектора, што е малку поизразено кај секторот „домаќинства“ (учество во вкупниот раст од 54,0 отсто). На годишна основа вкупните кредити се зголемија за 8,9 отсто, исто така, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, што остварија речиси подеднакво учество во промената.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор овој месец бележат раст од 3,3 отсто на месечна основа, главно како резултат на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при помал придонес на долгорочните депозити во странска валута и во денари, наспроти малиот пад на краткорочните депозити во денари. Стапката на годишен раст на депозитите на корпоративниот сектор изнесува 16,9 отсто и во најголем дел се објаснува со зголемувањето на депозитните пари и на краткорочните депозити во странска валута, но исто така мал раст има и кај краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута и во денари.

Кај кредитите на корпоративниот сектор во април, е евидентирано месечно зголемување од 0,4 отсто, што се должи на зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор во денари, во услови на мал пад кај кредитирањето во странска валута. Споредено на годишна основа, кредитите на корпоративниот сектор забележаа раст од 8,5 отсто, што во поголем дел се објаснува со зголеменото денарско кредитирање (учество од 77,9 отсто).

Во април 2019 година, вкупните депозити на домаќинствата се зголемија за 1,4 отсто на месечно ниво, главно одразувајќи го растот на депозитните пари (91,0 отсто придонес во растот). Годишниот раст изнесува 9,6 отсто и произлегува од зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари и во странска валута.

Вкупните кредити на домаќинствата во април имаат месечно и годишно зголемување од 0,5 отсто и 9,3 отсто, соодветно. Според валутната структура, зголемената кредитна активност на домаќинствата во поголем дел произлегува од кредитите одобрени во денари (со придонес од 57,9 отсто и 71,6 отсто кон месечниот и годишниот раст, соодветно).

Во април, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити забележаа месечно зголемување од 1,2 отсто и 0,7 отсто соодветно, при годишно зголемување од 10,9 отсто и 13,2 отсто, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити забележаа месечно зголемување од 1,2 отсто, при годишен раст од 2,4 отсто, додека кредитите одобрени на кредитни картички на месечно и годишно ниво остварија намалување од 0,2 отсто и 0,7 отсто, соодветно. Во април, негативните салда на тековните сметки бележат месечно намалување од шест отсто, а на годишна основа се зголемени за 1,1 отсто, додека кредитите одобрени врз други основи остварија месечен и годишен пад од 0,9 отсто и 7,8 отсто, соодветно.