НБА ѕвезда плати 15.000 долари за да не лежи во затвор

54

Кога Глен Дејвис минатата есен пристигна во редовите на хрватскиот прволигаш Задар, каде требаше да ја продолжи својата кошаркарска кариера, неколку месеци претходно беше познато дека има сериозен проблем со законот, но не беше јасно како всушност се решија дел од проблемите. Сега дознавме барем еден од тие проблеми.

Минатиот февруари бил фатен во хотел откако кај него пронашле 126 грама марихуана и куфер со 92.000 долари, па бил обвинет за поседување и продажба на наркотици. Му се закануваше затворска казна, но се провлече само со казна од 15.000 долари.

  • Обвинителството ќе го отфрли обвинението веднаш штом Дејвис ќе ја плати казната, истакна  неговиот адвокат, Брендон Мид.

Наскоро се очекува и обвинението од април, каде што Глен физички нападнал минувач на паркинг, а жртвата завршила во болница со сериозни скршеници. Доколку се покаже за виновен, на Дејвис му се заканува затворска казна од седум години и далеку поголема казна од оние 15.000 долари.

Популарното „Големо бебе“, како што е неговиот надимак, играше осум сезони во НБА лигата за тимовите на Бостон, Орландо и ЛА Клиперс, каде бележеше во просек по осум поени и 4.4 скокови. Во својата прва сезона во редовите на „селтикс“ ја освои титулата, додека во третата загуби во финалето од Лос Анџелес Лејкерс. Статистички најдобра сезона му беше втората во Орландо, кога во просек бележеше по 15 поени и 7.2 скокови по натпревар.

Со 33 години, 206 сантиметри и повеќе од 130 килограми, Дејвис во моментов не може да одговори на задачите во сериозната кошарка. Во септември минатата година ги договори сите детали со тимот на Задар, но набргу потоа стана јасно дека овој трансфер е пропаднат, па ја напушти Хрватска пред да дојде времето за дебитнантскиот настап.