Легендарниот американски кошаркар Ражон Рондо (37) е уапсен поради поседување оружје, марихуана и прибор за дрога, пишуваат медиумите во САД. Оваа информација фрла сенка на одличната кариера што Рондо ја имаше низ годините во НБА. Во три сезони тој беше најдобар асистент во лигата, еднаш имаше најмногу украдени топки во една сезона, а и четири пати се појави на Ол-стар натпреварот. Беше избран во третата петорка од сезоната 2012, а двапати беше во идеалната дефанзивна петорка. Во просек бележеше по 9,8 поени, 7,9 асистенции и 4,5 скока по натпревар.

  • Рондо бил запрен поради сообраќаен прекршок од полицијата, а полицаецот почувствувал мирис на марихуана, поради што бил извршен претрес на автомобилот, во кој бил пронајден пиштол, марихуана за лична употреба, како и прибор за дрога, открива Адријан Војнаровски, најпознатиот НБА инсајдер.

Рондо веднаш платил кауција и нема да остане зад решетки, но прашање е како ќе заврши процесот во кој против познатиот кошаркар се поднесени неколку прекршочни пријави.

И претходно имал инциденти од сличен тип – дури и за време на играчките денови, кога му се „заканувал“ на навивач симулирајќи пиштол со кој ќе му пука во глава, а подоцна и рекол на сопругата дека ќе ја убие. Во таа ситуација тој ги кршел работите низ куќата, ги нападнал своите деца и замавнал со пиштол, што очигледно му е една од вообичаените активности.

Рондо е роден во Луисвил, во државата Кентаки и додека играше за истоимениот колеџ го привлече вниманието на НБА скаутите кои му предвидуваа многу добра кариера. Тој беше драфтуван како 21. пик уште во 2006 година, а Феникс, кој го доби, истата вечер го испрати во Бостон. Рондо играше за Селтикс до 2014 година и беше шампион со нив, а потоа следеа чести преселби низ САД. Играше и за Далас, Сакраменто, Чикаго, Њу Орлеанс, Лејкерс во кој повторно беше шампион, Атланта, Клиперс, Лејкерс повторно, и на крајот Кливленд. Иако официјално не ја завршил својата играчка кариера, Рондо година и пол е без клуб, а со ваквиот начин на живот и на оваа возраст тешко е да се замисли повторно на теренот. Тој ќе остане еден од најдобрите плејмејкери на својата генерација во НБА.