На 32 локации во Градскиот парк ќе се продаваат сладолед, пуканки, крофни…

1847

Освен во Градскиот парк, ќе можат да се поставуваат подвижни објекти, подвижни апарати и други направи и на четири локации во СРЦ „Сарај“, на три локации во паркот Гази Баба, на исто толку локации на кејот на реката Вардар и на две локации во Рајскиот парк. Тие ќе можат да се користат исклучиво за продажба на сладолед, пијалаци, кондиторски производи, подготвување пуканки, шеќерна волна, крофни, палачинки и слични производи, но не и за семки и други јаткасти производи. Локациите на кои е поставена урбаната опрема, се даваат на користење за период од 1 март до 30 ноември во тековната година

 

 

Сопствениците на подвижни објекти, подвижни апарати и на други направи ќе можат да аплицираат за нивно поставување на локации во Градскиот парк, во паркот на природата Гази Баба, во СРЦ „Сарај“, во Рајскиот парк во Ново Лисиче и на кејот на реката Вардар.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска го објави јавниот повик за утврдување на начинот, условите и на постапката за доделување локации за поставување урбана опрема.

Според јавниот повик, урбаната опрема ќе се поставува на 32 локации во Градскиот парк, на четири локации во СРЦ „Сарај“, на три локации во паркот Гази Баба, на исто толку локации на кејот на реката Вардар и на две локации во Рајскиот парк.

Имено, под „подвижни објекти“ се подразбираат објекти на сопствен погон или приколка што нема сопствен погон на движење, односно специјализирани возила за улична продажба, со должина до четири метри и висина до три метри, во кои можат да се даваат угостителски услуги што немаат негативно еколошко влијание врз околината. Односно користат агрегат за напојување со струја, со ниска бучавост, висококвалитетен, немаат индустриски агрегат и имаат сертификат дека има ниска емисија на штетни гасови.

Максималната површина на локацијата на која се поставува урбаната опрема (подвижните објекти, подвижните апарати и други подвижни направи) е до 16 квадратни метри и во неа се опфатени подвижниот објект, односно подвижниот апарат или друга подвижна направа, манипулативниот простор и урбаната опрема во функција на користење на локацијата, односно канта за отпадоци.

Урбаната опрема (подвижни објекти, подвижни апарати и други подвижни направи) може да се користи само за продажба на сладолед, пијалаци, кондиторски производи, подготвување пуканки, шеќерна волна, крофни, палачинки и слични производи, но не и за продавање семки и други јаткасти производи.

Поставените објекти, подвижни апарати и направи, не треба да содржат озвучување или аудиосистеми за пуштање музика.

На урбаната опрема може да се поставуваат рекламни натписи не поголеми од димензиите на предниот дел на објектот на кој се поставуваат. Дизајнот и изгледот на подвижните објекти, подвижните апарати и на другите подвижни направи не треба да го нарушува амбиентот на околината каде што се поставени.

Локациите на кои е поставена урбаната опрема се даваат на користење за период од 1 март до 30 ноември во тековната година. Право на учество на јавниот повик имаат сите правни лица.

На заинтересираните правни субјекти што ги исполнуваат условите, ќе им биде одобрено користење локација за поставување на подвижните објекти, согласно со принципот „прв дојден – прв услужен” (заведени во ден, час, минута, секунда).

Јавниот повик е отворен до 22 февруари 2024 година.

(А.П.)