На Тенерифе како земјата да ги голта туристите, полицијата се сомнева во мафијата

4844

„Дејли мејл“ откри дека немилосрдните британски дилери се борат со италијанската мафија за контрола на трговијата со дрога на Тенерифе, што предизвикува стравувања дека дел од исчезнатите некако се вовлечени во тој мрачен, подземен свет

Полицијата трага по 11 лица кои мистериозно исчезнале додека биле на годишен одмор на канарскиот остров Тенерифе, место што го посетуваат илјадници британски туристи.

Летово, на почетокот од туристичката сезона, на 17 јуни, како што пишува „Дејли мејл“, пријавено е исчезнувањето на британскиот тинејџер Џеј Слејтер, кој, по ноќно излегување, последен пат бил виден со двајца мажи, во близина на националниот парк Рурал де Тено, по што му се губи секаква трага.

Како што пишува весникот, тој се забавувал со своите пријатели во клубот на плажата Папагајо, во Плаја де лас Америкас, каде што се одржувал фестивалот НРГ. Потоа се вратил таму каде што бил сместен, во придружба на осудениот дилер на дрога, Ајуб Касим, и на уште еден мистериозен човек. Сместувањето го напуштил на 17 јуни изутрината, околу 8:00 часот, а околу 8:50, со батерија на телефонот испразнета на еден процент, и дека е изгубен и жеден. Иако 31-годишниот Касим, кој бил осуден на девет години затвор за продавање дрога, е човекот што последен го видел 19- годишниот Британец, шпанската полиција го смета за неважен за истрагата.

Полицијата и планинските спасувачки тимови, со помош на кучиња, дронови и  хеликоптери, 13 дена го бараа Џеј во долината на Маск, каде што за последен пат му заѕвонил телефонот, но потрагата беше прекината на 30 јуни.
„Дејли мејл“ откри дека немилосрдните британски дилери се борат со италијанската мафија за контрола на трговијата со дрога на Тенерифе, што предизвикува стравувања дека Џеј некако е вовлечен во тој мрачен, подземен свет.
Експерти велат дека Италијанците во минатото соработувале со локалните криминалци за да шверцуваат кокаин во Европа од Латинска Америка, честопати користејќи ги Канарските Острови како место за илегални пратки. Меѓутоа, сега банди од Лондон, Манчестер и од Ливерпул почнаа да се пробиваат на Тенерифе, додека италијанските конкуренти сè повеќе се свртуваат кон недвижностите и градежништвото за да ги исперат своите пари.

Џеј Слејтер е само последниот, 11. по ред во низата исчезнати на островот во последните шест месеци. Како да ги голтнала земјата, а дел од исчезнатите, како и Слејтер, последен пат се видени во одморалиштето Плаја де лас Америкас. Годинава, првото исчезнување е пријавено на 13 јануари. Шеесетгодишникот по кого се трага, последен пат е виден во Ла Оратава. Полицијата трага и по 17-годишна тинејџерка, која исчезнала на 23 јануари, во Сан Кристобал де Ла Лагуна на северот од Тенерифе.

На 21 март, во Санта Круз исчезнале жена од Мексико и нејзиниот двегодишен син. Во овој случај, има сомнеж за киднапирање дете, кое, најверојатно, веќе не е на територијата на Шпанија. Само една недела подоцна, пријавено е исчезнување на мајка и син од Белорусија. Има сомнеж дека во овој случај се работи за киднапирање од родител. Помалку од еден месец подоцна, од островот исчезнал и 71- годишен турист, кој последен пат бил виден во Адексе, во југозападниот дел на Тенерифе. Локалниот весник напиша дека рибар го пронашол телото на неговата сопруга, како плови покрај брегот на Тенерифе кај Ариз, без едната рака и двете нозе, со вреќа на главата. Уапсени се три лица – две во Белгија и едно на Тенерифе. На почетокот од јуни, пријавено е исчезнување на 51-годишен маж од Валермоза, село во Ла Гомера. Полицијата не соопшти каде точно бил виден последен пат. Три дена пред Џеј Слејтер, на 14 јуни исчезнал полски државјанин. Тој се упатил кон Ланзароте, од каде што имал намера да си оди дома, во Полска. Полските медиуми јавуваат дека пловел со својот брод „Наутис“ и последен пат бил виден во вода.