Главната карневалска вечер ќе се одржи на 25 февруари, а во рамки на осумдневната карневалска програма, планирани се голем број настани. Најавено е учество на 15 странски групи со околу 300 гости, и тоа од: Риека од Хрватска, Будва, Котор, Херцег Нови и Тиват од Црна Гора, Раковица и Бела Црква од Србија, Перник од Бугарија и Солун од Грција
Карневалските свечености во Струмица оваа година започнуваат на 22 февруари и ќе траат до 1 март. Во рамки на осумдневната карневалска програма, планирани се голем број настани, а главната карневалска вечер ќе се одржи на 25 февруари. Вообичаено, датумот на одржување на карневалот секоја година е различен и се определува согласно со почетокот на велигденските пости, односно главната карневалска вечер секогаш се одржува ноќ спроти Прочка. Според информациите од Организацискиот одбор, освен големиот број домашни групи, годинава на карневалот повторно се враќаат гостите од странство. Најавено е учество на 15 странски групи со околу 300 гости, и тоа од: Риека од Хрватска, Будва, Котор, Херцег Нови и Тиват од Црна Гора, Раковица и Бела Црква од Србија, Перник од Бугарија и Солун од Грција.
Свеченото отворање на карневалските денови е планирано за на 22 февруари, среда, кога градоначалникот официјално ќе им го предаде клучот на градот на карневалските групи, по што ќе следува изложба на карневалски маски на СОУ „Никола Карев“.
Следниот ден е резервиран за веќе традиционалниот концерт под маски на музичкото училиште „Боро Џони“, кој секоја година предизвикува голем интерес, поради што организаторите одлучија наместо еден, да се одржат два.
Големиот бал под маски на кој се избираат принцот и принцезата на карневалот, ќе се одржи во петок, а веќе следниот ден, во сабота, е интернационалната карневалска вечер. И годинава поворката ќе поминува низ централниот булевар „Маршал Тито“ и плоштадот „Гоце Делчев“, каде што ќе биде сместена и жири-комисијата што ќе ги оценува маските.
Во недела, на Прочка, планиран е детскиот карневал, а следниот ден ѝ е посветен на традицијата, кога за Чист понеделник, на трпезите во секое струмичко семејство се приготвува посен бел грав, а организирано се вари таков грав и на плоштадот „Гоце Делчев“.
Ќе се одржи и интернационалниот фестивал на афоризам и карикатура. Во вторник е карневалското корзо, а свеченостите завршуваат во среда со одбележување на празникот Тримери, денот посветен на армасаните девојки. Се работи за обичаи што се карактеристични само за градот Струмица и, заедно со тримерскиот ручек, ќе бидат презентирани од „Распеани струмичани“. (З.Ѓ.)