По давањето на исказот на свиркачот Ѓорѓи Лазаревски, еден од најважните сведоци, судењето за предметот „Таргет-Тврдина“, кое се однесува на незаконското следење на комуникации,денес е одложено за 31 јануари.
На наредното судење се очекува покрај адвокатите, да поставуваат прашања и обвинетите, меѓу кои и првообвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков.
Судењето е одложено по барање на одбраната, со цел тие подобро да се подготват бидејќи исказот на Лазаревски, како што велат адвокатите, изобилува со стручни термини и побараа користење на технички советник од информатичката област, за што СЈО смета дека е неосновано и дека одбраната има за цел само да ја одолговлечи постапката.
Лазаревски, во својот исказ посочи дека прислушувањето го вршеле луѓе од УБК, по наредба на раководството. Тој исто така во своето сведочење истакна дека имал закани по живот од поранешниот началник на петтата управа Горан Грујевски.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви, за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.