Најголемата спортска атлетска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон, го надмина рекордот на пријавени учесници од 2019 година. Утре во рамките на јубилејно 20. издание, ќе учествуваат рекорден број љубители на трчањето. На стартот се очекува да се појават 13.440 натпреварувачи од 55 земји, кои ќе ги исполнат улиците на главниот град со позитивна енергија и ќе ја потсетат јавноста дека навистина – трчањето може да те промени.

Покрај традиционалната маратонска трка (42.195 км), на Виз Ер Скопски маратон како и секоја година ќе се трча и полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, како и трката за рекреативци на 5 км, како најмасовната трка од сите.

„Од името на министерството можам да изразам едно задоволство што оваа година ќе бидеме дел од Скопскиот маратон. Не знам како било во минатото, но можам да кажам дека овој маратон ќе ја има поддршката, бидејќи гради исти вредности што ние сакаме да ги вметнеме во нашата држава. Иако се работи за рекреативен настан, она што нас како министерство ни е од интерес е што врзувате многу луѓе и има многу учесници. Негуваме исти вредности по кои сака да се води и Министерството за спорт и да бидеме пример во општеството и можам јавно да кажам дека маратонот ја има нашата целосна поддршка, вели  Министерот за спорт, Борко Ристовски.

Годинава се очекува да биде и соборен рекордот на патеката на Скопскиот маратон, а тоа со сигурност ќе се знае по трката во недела

-Година има рекорден број натпреварувачи 13.440 од 55 земји, со што е надминат бројот од 2019 година кога учествуваа 12.450. Ова е многу поголем број учесници во споредба со минатата година – 11.400 учесници. Во сите четири трки, рекреативната трка од 5 км, маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон е зголемен бројот на учесници во однос на минатите изданија. Можам да најавам дека ќе учествуваат неколку елитни натпреварувачи од Кенија и се надевам дека ќе бидат соборен рекордот на патеките. Година имаме мала измена на патеките во однос на минатите години, но стартот останува на исто место, пред Собранието на Република Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон ќе трчаат накај населбата Хром, по улицата „Теодосиј Гологанов“, по што кај Хром ќе свртат полукружно, се враќаат назад во центарот на градот, каде што продолжуваат покрај „Тутунски комбинат“, на Трета македонска бригада, по што ќе свртат лево, по улицата „Васко Карангелевски“, кај Мајчин дом, па потоа по булевар „Србија“ десно, тука вртат полукружно, по што се враќаат на „Тобако 2“ и по булеварот „Јане Сандански“, се враќаат повторно на „Трета македонска бригада“ и завршуваат на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје. Ова е првиот круг за полумаратонот, додека маратонците уште еднаш ќе го свртат истиот круг, вели Кире Синадиновски, спортски директор на маратонот.