На секое едно евро потрошено од купувачите за производите на скопска Пивара, 68 проценти се враќаат назад, во општеството, преку даноци, придонеси, еколошки акции… Тоа значи дека Пиварата лани креирала 139 милиони евра додадена вредност во македонската економија, што е 1 процент од БДП-то на државата, од кои 71 милион евра се даноци исплатени во државниот буџет.

Ова е посочено во новата студија за социо-економското влијание на Пивара Скопје во нашата земја, изработена од независната консултантска куќа „Стјуард Редквин“, анализирајќи ги податоците на работењето на компанијата минатата година.

Рене Ким, сениор партнер на „Стјуард Редквин“, истакна дека податоците за придонесот и за значењето на Пивара Скопје за развојот на македонската економија и за просперитетот на заедницата се добиени на објективен и транспарентен начин, со помош на научен пристап.

– Над 8.700 работни места во земјава, на директен или индиректен начин, се одржуваат од остварените приходи на Пивара, за кои годишно се обезбедуваат плати во износ од 37 милиони евра. Тоа значи дека секое едно отворено место во Пивара поддржува уште 21 работно место во земјата – наглси Ким.

Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, рече дека со оваа студија, која е изготвена од независни експерти и по меѓународни стандарди, сакале во компанијата, на аргументиран и професионален начин, да ги разберат влијанието и придонесот што ги имаат во економијата и во заедницата.

– Со оглед на фактот што веќе правевме ваква студија во 2017 година, сакавме да видиме каде сме денес во однос на другите компании, и во Македонија, а и пошироко во регионот и Европа – нагласи Митрев и откри дека нивниот успех се темели на четири столба, кои останале непроменети повеќе од еден век, а тоа се: беспрекорниот квалитет на производите препознаен од потрошувачите, партнерскиот однос и креирањето заедничка вредност со купувачите, искрениот придонес за заедницата и тимот вработени, кој е „тајната состојка“ на компанијата.

За Горица Стојковиќ, генерален директор на „Кока-Кола компани“ за Србија, Црна Гора и за Македонија, студијата дава можност да се види реалното влијание на Пивара Скопје во земјава.

– Нашиот придонес не е само економски. Длабоко веруваме дека успешниот бизнис мора активно да инвестира во заедницата. Тоа го правиме преку нашите програми и иницијативи, кои вклучуваат инвестиции во млади луѓе, заштита на животната средина и волонтерство на вработените – рече Стојковиќ.

За обемот на влијанието на Пивара Скопје врз домашната економија зборува и податокот дека компанијата остварува деловна соработка со над 1.000 домашни набавувачи, од кои годишно набавува стоки и услуги во вредност од над 46 милиони евра, како и со над 12.000 трговци на големо и на мало, дистрибутери и компании од угостителско-туристичкиот сектор.

Преку ваквата соработка, Пивара Скопје има директно и индиректно влијание врз развојот на неколку значајни сектори од домашната економија, како што се: трговскиот сектор, секторот за деловни услуги, производствениот, транспортниот и земјоделскиот сектор.

Пивара Скопје само во изминатите пет години инвестираше и 40 милиони евра во капитални проекти за одржлив раст и развој, а дополнително вложува над 200 илјади евра годишно во реализацијата на бројни општествено одговорни активности наменети за поддршка на заедницата.

(С.Бл.) – Фото: Петр Стојановски