На препишувачите ќе им се поништи матурскиот испит!?

672

„Во прв момент е формирана комисија која ќе ги констатира поништувањата на испитите кои се случиле поради прекршување на правилата во текот на испитниот ден. Таа комисија констатира дали некои тестатори или набљудувачи отстраниле ученици заради користење на мобилен телефон или други прекршувања на правилата. Тие тестови веднаш ќе бидат поништени, а во текот на оценувањето ќе работат уште десет други комисии кои ќе ги констатираат останатите прекршувања на правилата“, изјави директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска по одржувањето на стручен колегиум

Државната матура – испит на зрелоста или во случајов за дел од нашите средношколци се чини на незрелоста! Масовно препишување, слично како и минатата година, беше пријавено на првиот од двата екстерни испита на државата матура – полагањето по мајчин јазик што се спроведе во саботата, по салите и холовите во училиштата и во други образовни установи.

Државниот испитен центар (ДИЦ) на стручен колегиум одлучуваше како ќе постапат оценувачите во однос на испитот откако беше пријавено масовно препишување. Констатирано е дека на оние кои препишувале, тестовите ќе им бидат поништени. Препишаните тестови, пак, на оние што се договарале на Вибер и не биле отстранети во текот на испитот, ќе се откриваат при прегледувањето.

„Во прв момент е формирана комисија која ќе ги констатира поништувањата на испитите кои се случиле поради прекршување на правилата во текот на испитниот ден. Таа комисија констатира дали некои тестатори или набљудувачи отстраниле  ученици заради користење на мобилен телефон или други прекршувања на правилата. Тие тестови веднаш ќе бидат поништени, а во текот на оценувањето ќе работат уште десет други комисии кои ќе ги констатираат останатите прекршувања на правилата“, изјави директорката на ДИЦ, Билјана Михајловска по одржувањето на стручниот колегиум.

Таа апелираше до учениците и тестатори да ги почитуваат правила, бидејќи доколку не е така тоа не му оди во прилог на ученикот и се покажува дека доаѓа до поништување на испитот.

Од ДИЦ додаваат и дека онаму каде што ќе откријат дека тестаторите толерирале препишување и истото биде поткрепено со доказ, за тоа ќе ги известат надлежните институции. Дополнително, договорен е и состанок со Министерството за образование и наука, каде што би се договориле и други мерки насочени кон други инволвирани лица во процесот на полагање државна матура.

Претходно Михајловска изјави дека во вибер-група, која постоела и пред полагањето на испитот, бил споделен тестот веднаш кога почнал испитот по мајчин јазик и литература, а линкот на ДИЦ му го испратиле ученици и родители.

– Откако почна испитот, добивме линк дека е споделен тестот во вибер-групата. Значи, откако седнале учениците на место и ги добиле тестовите за да почне испитот, некој ученик го сликал празниот тест и го ставил во вибер-групата со намера некој друг да му помогне да ги одговори прашањата – изјави Михајловска.

Инаку, за да се оневозможи препишувања или масовно споделување одговори, како што се случи лани преку вибер-група на испитот по англиски јазик, оваа учебна година матурантите наместо во училници, првпат полагаа во големи простории – холови, училишни спортски сали во кои беа ангажирани повеќе тестатори. Како што соопштија од МОН, во процесот, годинава се вклучени 2 000 наставници како тестатори и околу 250 набљудувачи од државните институции. Покрај одлуката за полагање во холовите и спортските сали, откако препишуваа матурантите, од ДИЦ се споменува и можноста за инсталирање блокатори за телефонски сигнали во училиштата. Некои, пак, предлагаат поголеми казни за учениците што препишуваат, односно да им се забрани една година полагање матура.

Според директорката на ДИЦ, иако вибер-групата, која била формирана пред подолго време, брои седум илјади членови, но не сите го виделе или употребиле линкот, затоа што во текот на испитот учениците кај себе немале мобилни телефони.

– Не може да се тврди дека седум илјади луѓе го виделе линкот. Да се случеше три дена порано, тоа е веќе друга приказна, тоа би било пробивање. Но, тестот е споделен во моментот кога веќе сите ученици го имале пред себе. Таа вибер-група е формирана пред долго време и таму се разменувале информации за начинот на учење, за кој материјал да се користат. Тоа е група во која матурантите си помагале меѓу себе за подготовка на матурата. Седум илјади деца, но и возрасни, биле членови на таа група, но тоа не значи дека во моментот на испитот тие седум илјади активно ја користеле групата бидејќи немале телефон, иако тој што го сликал – имал мобилен телефон – истакна Михајловска.

Таа додаде и дека не е познато кој го сликал и кој го споделил тестот, бидејќи, како што рече, не значи дека во вибер-групата учениците ги користат своите имиња, а воедно ДИЦ нема надлежност да истражува.

– Она што имаме намера да го направиме и, без оглед на вибер-групите, го правиме сите години наназад, е да констатираме дали има два идентични теста, односно делови од текст. Кога ќе го констатираме тоа, не ни треба вибер-група – додаде Михајловска.

И по најновите случувања, јавноста со поделено мислење. Дел сметаат дека треба да се укине државната матура, а да се вратат приемните испити на факултетите. Други сметаат дека вината не е кај учениците, туку треба да се бара кај родителите, кои дури од прво одделение вршат притисоци за повисока оценка наместо да работат со децата. Трети го вперуваат прстот кон уништениот образовен систем.

Во саботата, задолжителниот предмет од државната матура – мајчин јазик го полагаа вкупно 14.834 пријавени матуранти (10.088 кандидати за македонски јазик и литература, 4.189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература).

За 8 јуни е закажано полагањето на вториот (изборен) екстерен испит. Пријавени се 1.356 кандидати за математика, 13.198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија. Според видот на образование, 6.341 матуранти се од гимназиите, 8.230 од стручното и 263 од уметничкото образование.

Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа. Согласно со Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмета, 2 интерни предмета и подготвуваат проектна задача. Прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следува можноста за поднесување приговори.