На почетокот на ноември конгрес на СДСМ: Ќе биде избран новиот Централниот одбор

43

Претседателот на СДСМ Венко Филипче информираше дека до крајот на неделата ќе бидат избрани новите делегати, а како што најави, на почетокот на ноември, партијата ќе го организира Kонгресот, на кој ќе биде избран и новиот Централен одбор. Тој вели дека по изборните резултати, лекциите се научени, но дека СДСМ не погрешила во стратешките политики.

– Ги започнавме веднаш и формалните процеси за да се постави партиското раководство, односно изборните конференции по општинските организации за да се изберат новите делегати на конгресот и новите членови на централниот одбор – додаде Филипче, истакнувајќи дека овие процеси треба да завршат до крајот на неделата.

Еден од најзначајните аспекти, според претседателот Филипче, е давање глас на секој член на партијата.

– Задоволен сум од временската динамика, но и од можноста што ја искористивме да се вклучат што повеќе членови во процесот на градење на политиките. Со тоа им дадовме значење и сила на нивниот глас, бидејќи сметам дека секој глас е важен за да ја зајакнеме партијата – нагласи тој.

Според Филипче, позитивниот фидбек од членството покажува дека партијата се консолидира и повторно се враќа на патот на обединување и стабилизација.

Со новите делегати кои ќе бидат избрани до крајот на неделата, партијата ќе го организира новиот Kонгрес на почетокот на ноември, на кој ќе биде избран новиот Централен одбор, од кој понатаму ќе потекнува целокупното ново раководство на СДСМ.