На парламентарните избори во Австрија победи ФПО, формирана од членови на нацистичките СС дивизии

800

Лидерот на победничката партија Херберт Кикл цели кон канцеларска функција и ветува дека на граѓаните ќе им служи како волксканзлер, или „народен канцелар“, прекар што го користел Адолф Хитлер. Најавува дека ќе го следи политичкиот модел на унгарскиот премиер Виктор Орбан, дека ќе ги депортира барателите на азил и ќе престане да ја поддржува одбраната на Украина од Русија. Но, канцеларот Карл Нехамер тврди дека нема да го назначи Кикл за канцелар во коалициската влада. Преговорите за коалиција во Австрија обично траат со месеци, така што нова влада ќе се формира најверојатно следната година

 

Екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО) победи на парламентарните избори во неделата, што е прва победа на крајната десница на австриските парламентарни избори по Втората светска војна. Сепак, неизвесно е дали победничката партија ќе успее да формира владина коалиција.

Според вчера објавените прелиминарни конечни резултати, ФПО освоила 29,2 отсто од гласовите, Австриската народна партија (ОВП) на канцеларот Карл Нехамер 26,5 отсто, а централно-левичарската Социјалдемократска партија 21 отсто од гласовите. Владата во заминување – коалиција на партијата на Нехамер и Зелените го загуби мнозинството во Долниот дом на парламентот.

Уште во неделата стигнаа и првите честитки за победниците, секако од лидерите на десничарските европски партии. Први честитаа Марин ле Пен и Џордан Бардела од француското Национално собрание, Герт Вилдерс, од Холандската партија на слободата и Алиса Вајдел, претседателката на германската Алтернатива за Германија.

-Не исполнува со голема гордост што можеме да седиме во Европскиот парламент покрај нашите сојузници од ФПО, кои извојуваа убедлива победа на парламентарните избори вечерва во Австрија, изјави на социјалната мрежа Икс Бардела, кој е и пратеник во Европскиот парламент.

Според него, владата создадена од ФПО ќе даде приоритет на суверенитетот, благосостојбата и идентитетот на Австрија.

-По изборите во Италија, Холандија и Франција, овој подем, кој повлекува одбрана на националните интереси, зачувување на идентитетот и заживување на суверенитетот, во секој случај го потврдува триумфот на нацијата, рече Ле Пен.

Во честитката Вилдерс и Вајдел изразија задоволство од зајакнувањето на десничарските партии во Европа, а позитивни реакции стигнаа и од Белгија.

-Многу убедлива победа за нашите пријатели и партнери од австриската ФПО, напиша на Икс белгискиот пратеник Геролф Анеманс од екстремно десничарската партија Фламански интерес.

Спротивно на тоа, Меѓународниот комитет за Аушвиц ја гледа победата на ФПО како загрижувачки развој на настаните.

-За оние кои го преживеаја холокаустот, првите резултати од изборите за Националниот совет во Австрија, а особено зајакнувањето на десницата околу Херберт Кикл и ФПО, претставуваат нова алармантна фаза на нивните стравови и грижи, рече потпретседателот на Комитетот за Аушвиц, Кростоф Хубнер. Тој додаде дека се надева на „единство на австриските демократи кои во интерес на земјата и европскиот интерес ќе се спротивстават на заборавот на историјата и идеологијата на старите и новите десничарски екстремисти“.

ФПО е основана во 1956 година од поранешни членови на нацистичките СС дивизии и други ветерани на германската војска. Актуелниот претседател на партијата, 55-годишниот Херберт Кикл, кој е поранешен министер за внатрешни работи, е на чело на партијата од 2021 година. Тој има амбиција да стане канцелар, но потребен му е коалициски партнер со кој ќе обезбеди парламентарно мнозинство. На изборите тој настапи со  платформа против странците, ветувајќи дека ќе изгради „тврдина Австрија“ за да ги спречи мигрантите да влезат во земјата. На гласачите им вети дека ако му ја дадат победата, ќе им служи како Волксканзлер, или „народен канцелар“, прекар што го користел Адолф Хитлер. Лидерите на спротивставените партии најавија дека немаат намера да соработуваат со Кикл во новата влада. Нехамер веднаш по објавувањето на изборните резултати повтори дека нема да го назначи Кикл за канцелар во коалициската влада, додека пак Кикл претходно најави дека нема да ја предаде челната функција на Австриската народна партија доколку ги победи.

Во ваква констелација на односите, како што наведе Ројтерс, победничката партија најверојатно ќе коалицира со второрангираната ОВП, која сака да воведе построги регулативи за миграцијата.

Кикл пред изборите најави дека како канцелар ќе го следи политичкиот модел на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тој вети дека ќе ги депортира барателите на азил и дека ќе престане да ја поддржува одбраната на Украина од Русија.

Победата на ФПО на овие парламентарни избори во Австрија е извесна иако вчера објавениот прелиминарен конечен резултат вклучува мнозинство од гласовите дадени по пошта. Останатите гласачки ливчиња би требало да се пребројат до четврток, кога се очекува сосема мал пад на процентот на освоени гласови од десничарските и конзервативните партии.

А што се однесува до новата Влада, според „Блумберг“, Австрија, најверојатно ќе ја почека до наредната година, зашто преговорите за формирање на владејачка коалиција таму традиционално траат со месеци.