На пазарите скапо и скапано за празничната трпеза

128

Продавачите на зелените пазари и годинава останаа доследни на својата традиција заостанатото и скапаното овошје и зеленчук користејќи ја потрошувачката еуфорија за новогодишните и божиќните празници, поскапо од вообичаено да им ги подметнат на потрошувачите

Се поскапо од обично, здравото и убавото за гледање, бајатото и скапаното во ќесите на муштериите. Продавачите на зелените пазари и годинава останаа доследни на својата традиција заостанатото и скапаното овошје и зеленчук користејќи ја потрошувачката еуфорија за новогодишните и божиќните празници, поскапо од вообичаено да им ги подметнат на потрошувачите.

– Знаев што ќе се случи, ама пак и годинава, наместо да си ги изберам самата во маркет, мандарините ги купив на пазар. Од три килограми најмалку половина килограм беа скапани, а уште толку беа пред скапување, реагира една скопјанка.

Таа вели дека секогаш пазарџиите подметнуваат по едно скапано јаболко, портокал, нмандарина, домат… меѓу здравите, но ова што го прават сега е премногу.

Исто така, на прсти можат да се пребројат производите на тезгите кои деновиве не добија нова, значително повисока цена. Најмногу поскапеа оние кои повеќе се конзумираат поради постите и оние од кои се подготвува храната за трпезата за Нова година, Бадник и Божик.

Така, неколку дена пред Нова година од 50 до 60 денари, цената на килограм домати се искачи на над 100 денари. Двојно поскапеа и краставиците и пиперките. Зелката која до средината на минатата недела се продаваше по 10 до 15 денари за килограм поскапе на 20 до 25 денари, а компирот во зависност од големината и квалитетот доби цена повисока за пет до 10 денари. Истото се склучи и со морковите, зелената салата, празот. Старата цена ја задржаа јаболката, маслинките, оревите, портокалите и уште неколку производи, додека пак значително поскапе тиквата, која е задолжителна на бадниковата трпеза, како и костените кои достигнаа цена од 200 денари за килограм.

– Не ми го растурај излогот, ова е пазар, ако сакаш да бираш оди во маркет и таму купи си бајато и стојано, реагираше еден продавач на пазар кога муштериката се обиде во вагата да стави крупно зрело јаболко до кое стоеше цената 15 денари, лута што продавачот и бира само ситни.

Не само со лошите производи и нефер цени, продавачите на пазарите и за овие празници ги изневерија своите муштерии и со дрзок однос.

Наспроти нив, маркетите продолжија да негуваат една друга своја традиција. Голем дел од производите, особено оние кои во пресрет на празниците најмногу се трошат, ги понудија на акција. Свинското месото, кашкавалите, сувомесните производи, на пример, добија најниски цени до сега, на акција беа и смоквите и урмите, пијалаците, а цените на зеленчукот и овошјето ги симнаа до оние на пазарите, со таа разлика што може да се бира.

Кога ќе заврши оваа потрошувачка еуфорија, стомаците ќе бидат полни уште неколку дена, но паричниците ќе бидат празни до следната плата или пензија, до кои има уште многу време. Е, тогаш на продавачите на зелените пазари нема да им помогнат ниту свежата стока, ниту ниските цени. Уште повеќе затоа што се пред нов предизвик – треба да си обезбедат лиценци за да можат да земат тезга, а мора да набават и документ за потеклото на тоа што го продаваат. Во спротивно ризикуваат да добијат казни од неколку илјади евра кои нема да ги покријат со заработката од скапо продаденото скапано овошје и зеленчук за празнициве.

(С.В.)