На два дена пред крајот на учебната година за основците, Министерството за образование и наука излезе со препорака до училиштата да се реализира наставата со скратени часови. Како што напишаа од МОН во денешното соопштение, причина за оваа препорака е топлотниот бран што ја зафати нашата земја.

– Со оглед на високите температури што ја зафатија територијата на РС Македонија, а имајќи предвид дека наставната година за учениците од основните училишта трае до 17.6.2024 година, Министерството за образование и наука препорачува основните училишта да продолжат да ја реализираат наставата со скратени наставни часови, но да се внимава да се запази суштината на наставната материја што се изучува – се вели во соопштението на МОН.

Во препораките од МОН се вели и дека училниците и другите простории што се користат во училиштето треба постојано да се проветруваат, а воедно и да се насочуваат учениците и да им се дава можност да консумираат поголемо количество вода. Воедно, им се препорачува на учениците да не консумираат мрсна храна и храна што содржи поголемо количество шеќери во текот на училишниот ден.

– Овие препораки се дел од општите препораки за заштита од топлотен бран на центрите за јавно здравје, а согласно со Здравствениот акциски план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на граѓаните – се додава во соопштението.

Како што е познато, оваа учебна година основците и средношколците за првпат имаа пролетен распуст, кој траеше од 26 април до 6 мај. Поради тоа, и крајот на учебната година за основците се продолжи до 17 јуни. Наспроти основците, средношколците и годинава ја завршија наставата како и секоја претходна, на 10 јуни.

Да потсетиме, иако учебната година за сите ученици требаше да заврши на 17 јуни, МОН излезе во пресрет на барањето од Сојузот на средношколци и реши тие да завршат на 10 јуни.

– Во Законот за основно образование се одредени точен број работни денови (180) во основното образование. Во Законот за средно образование не е одредена законска обврска за точен број работни денови. Сите одлуки се донесуваат во консултација со тие што се засегнати. Сојузот на средношколци побара, освен пролетниот распуст, поради административните постапки на запишување на децата во високото образование, средното образование да заврши на 10 јуни. Законот го дозволуваше тоа и ние постапивме тука – изјави пред два месеца министерот за образование, Јетон Шаќири.