Поднесени се кривични пријави против поранешните директори на Фондот за иновации, Фестим Халили и Коста Петров за злоупотреба на службената положба поради незаконски исплати на грантови.
Станува збор за спорни проекти финансирани од фонтот и тоа „Грин Хојо“, „Фротирка АД Делчево“ и „Тајната на Римјаните – Pinsa Romana“, при што штета надминува 23 милиони денари.
Коста Петров се сомничи за злоупотерби во проектот „Рецептот за пица Тајна на Римјаните Пинса Романа“, договорот за грант кој бил потпишан во 2021 година. Носителот на стартап друштвото доставувал фактури за неподобни трошоци, а направил и поварт на ДДВ.
„Корисникот извршил поврат на неподобен трошок за ДДВ во износ од 140.400 денари и доставил извод од наменската сметка. Корисникот повеќе потрошените средства од буџетската потставка „Фурна за печење-капацитет 10.000“ во износ од 280.000 денари ги покрива со буџетираните средства од втор квартал. И тука се доцнело со договорените квартални извештаи и завршниот извештај. Во конечниот извештај ревизорите утврдиле дека корисникот остварената заштеда ја пренел за покривање на потставката „Спирален миксер за хомогенизација на тесто од 80кг“ во износ од 50.000 денари и потставката „Брендирање и дизајн-подготовка“ во износ од 50.000 денари. Корисникот во текот на проектот извршил плаќања од основната сметка надвор од времетраењето на проектот во износ од 295.000 денари за што добил одобрување од страна на Комитетот за одобрување на инвестициите“, се вели во соопштението.
Петров се терети и за проектот на Фротирка од Делчево. Поранешниот пак директор на Фондот за иновации Фестим Халили се сомничи дека ја оштетил институцијата за 4.000.000 денари со проектот Грин Хојо со непочитување на обврските од договорот.