Ден откако во селото Бањска на Косово дојде до вооружен конфликт, во кој загинаа четворица напаѓачи и еден припадник на косовската полиција, состојбата и натаму е тензична. За Лајчак инцидентот е длабоко загрижувачки и е во спротивност со принципите на мирот и соработката. Вучиќ го осуди убиството на полицаецот и рече дека е нешто што никому не му треба, но и предупреди дека Курти сака да ја доведе Србија во конфликт со НАТО

Состојбата на Косово и натаму е тензична и политички опасна откако група вооружени лица постави патна барикада во близина на селото Бањска во неделата рано наутро, а потоа убија косовски полицаец од групата која дошла да интервенира. Во конфликтот загинаа четворица Срби од Косово, кои во меѓувреме се забарикадираа во манастир. Сите приоди кон Бањска сѐ уште се блокирани од силни полициски сили, а околу селото се распоредени голем број полицајци со оклопни возила, јавува РТС.рс. Уапсени се шестмина напаѓачи, на кои им е одреден притвор од 48 часа, а се сомничат за кривично дело – тероризам.

Иако првично беа тројца, обвинителството на Косово денеска потврди дека го пронашло мртвото тело на уште еден од осомничените напаѓачи на северот на Косово, со што бројот на убиените од редовите на вооружената и маскирана група, која вчера изврши напад врз косовски полицајци, во селото Бањска во северно Косово, се искачи на четири, јави дописникот на МИА од Приштина.

Доцна во неделата продолжи акцијата на косовската полиција за пронаоѓање на останатите од групата која изврши напад врз косовските полициски службеници, а која според косовското Министерство за внатрешни работи броела 30 лица, маскирани и во униформи, и вооружени со тешко оружје. Рации се извршени на одредени локации, станбени згради и возила, како и во возилата околу манастирот во селото Бањска.  Според првите информации на медиумите, пронајдени се стотици парчиња оружје, униформи и логистичка опрема, меѓу кои и гранати, пиштоли, митралези, калашникови, зољи и друго оружје од тежок калибар. Во престрелка со косовската полиција во Бањска загинаа И.М и Б.М од Лепосавиќ, како и С.Н. од Звечан, пренесуваат српските медиуми.

Трупите на КФОР и Еулекс сѐ уште се во состојба на готовност, а меѓународната заедница работи на смирување на ситуацијата на терен. Посебно се разговараше и со Курти и со Вучиќ, а специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, вели дека инцидентот на северот на Косово е длабоко загрижувачки и е во спротивност со принципите на мирот и соработката.

 

И Кремљ се јави со коментар за немирите во Косово. „Гледаме многу напната и потенцијално опасна ситуација на Косово и внимателно ја следиме“, изјави портпаролот Дмитриј Песков.

 

Српскиот претседател Александар Вучиќ  изјави дека инцидентот бил најтешкиот ден за Србија и за српскиот народ од 2004 и 2008 година. И Вучиќ го осуди убиството на полицаецот рече дека е нешто што никому не му треба, но и предупреди дека Курти сака да ја доведе Србија во конфликт со НАТО.

„Србија никогаш нема да ја признае  независноста на Косово, тоа чудовиште што го направивте со бомбардирањето на Србија, изјави во обраќањето до нацијата Вучиќ.

Денеска на Косово беше прогласен  ден на жалост, во чест на полицискиот старешина Африм Буњаку, кој беше убиен во нападот.