„Стејплс центарот“ ќе му каже последен „збогум“ на легендарниот кошаркар Коби Брајант, неговата ќерка и уште седуммина погинати во хеликоптерската несреќа, на 24 февруари, одлучија роднините и екипата на Лос Анџелес Лејкерс.

„Езерџиите“ ќе организираат официјална комеморација, на која ќе им се оддаде почит на жртвите од трагедијата што се случи на 26 јануари во близина на Калабасас, кои загинаа на пат на кошаркарски турнир за девојчиња, на кој требаше да настапи и ќерката на Брајант – Џијана.

Иако се зборуваше дека, поради огромниот интерес на јавноста, комеморацијата ќе се одржи на Олимпискиот стадион „Меморијал колосеум“, на која би можеле да бидат сместени повеќе од 80.000 луѓе, но сопругата Ванеса и семејството сепак се одлучија за помала церемонија во салата каде што ја мина целата своја кариера, настапувајќи за Лејкерс 20 години.

  • Не се работи само за човек кој беше кошаркар, туку беше и татко, лидер, филмски режисер, уметник, некој кој беше многу повеќе отколку што беше само на паркетот, истакна градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарсет.

Сепак, во „Стејплс центарот“ ќе има место за оние со „длабок џеб“, бидејќи во салата ќе има место само за 19.000 луѓе. Билетите сè уште не се објавени, но тие сигурно нема да бидат евтини.

Оваа сала беше домаќин и на комеморациите на пејачот Мајкл Џексон 2009 година, раперот Нипси Хасл минатата година, а сега ќе биде домаќин на нова церемонија што ќе се емитува низ целиот свет. Засега нема информации за тоа кога ќе се случи погребот на загинатите.

Покрај Брајант и Џијана, во хеликоптерската несреќа загинаа и бејзбол тренерот Џон Алтобели (56), неговата сопруга Кери (46) и ќерката Алиса (14), потоа Сара Честер (45) и нејзината ќерка Пејтон (13), тренер Кристина Маусер (38) и пилотот Ара Зобајан (50).