На Инфективната клиника почина 6-месечно бебе со морбили, а уште две деца се во критична состојба

144

Македонија ја тресе епидемија на морбили и пораст на бројот на заболени од сезонски грип. За само два дена беа регистрирани два смртни случаи од свински грип на петгодишно дете и 24-годишна девојка, а веќе ја имаме и првата жртва од епидемијата на мали сипаници. Тоа е шестмесечно бебе кое починало додека се лекувало на Клиниката за инфективни болести.

Според министерот за здравство Венко Филипче, бебето имало компликација на белите дробови и било невакцинирано.

– Прво било лекувано во болницата во Козле, а потоа префрлено на Инфективната клиника каде што докторите, за жал, не можеле да се справат со компликациите. Искрено се надевам дека трендот на вакцинација ќе продолжи заради тоа што е единственото нешто што треба и мора да се направи со цел да се подигне колективниот имунитет кој значително е намален по падот на опфатот со вакцинација во 2014 година И, за жал, сега се соочуваме со овие последици – вели Филипче и дополни дека уште две деца се во критична, но стабилна здравствена состојба.

Појасни дека тие имаат сериозно воспаление на белите дробови, но засега виталните параметри им се стабилни и не се во животозагрозувачка состојба.
Според Институтот за јавно здравје оваа сезона вкупниот број на заболени од грип изнесува 4.125 лица, а само во изминатата недела се пријавени 1.252 случаи со симптоми на грип што е речиси двојно зголемување во споредба со последната недела од јануари.

Починатите лица боледувале од свински грип од типот Х3Н1 Инфлуенца А, кој го немаше во земјава изминативе три години.

Токму заради сите овие состојби од Министерството за здравство информираат дека се подготвени за евентуално зголемување на бројот на заболени од грип во земјава. Тие будно ја следат состојбата со грип во земјава и информираат дека капацитетите на здравствените установи се доволни и за евентуален пораст на бројот на заболени од грип, што е очекувано за овој период од годината.

– Имајќи ги предвид искуствата од претходните години, очекуван е тренд на пораст, посебно во тек на февруари и март, кога ова заболување вообичаено е присутно со повисок интензитет – велат од ресорното министерство.
Тие информираат дека има доволно количества од лекот “тамифлу#, како и доволен број средства за дезинфекција и заштитна лична опрема.

Воедно, потсетуваат дека при првите симптоми на грип, потребно е граѓаните да се консултираат со стручните лица и да не користат лекарства на своја рака.

 Караџовски: Се зголемува бројот на заболени од морбили

Двојно е зголемен бројот на заболени од морбили. Од 2 февруари до денеска се регистрирани 58 новозаболени, од кои 54 се од Скопје, двајца заболени се од Тетово и по еден од Гостивар и Гевгелија, изјави денеска епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Тој посочи дека 144 деца или 71 отсто од сите деца се невакцинирани или непотполно вакцинирани. Оние деца кои се невакцинирани, појасни, се најекспонирани на заболувањето при што кај нив се очекува вирусот да навлезе и да предизвика болест.

– Втората работа што е битна е тоа што 32 отсто од овие деца се на возраст под една година и не подлежеле на вакцинација согласно вакциналниот календар. Заболените се на возраст од еден месец до 54 години. Повеќе од 60 отсто од заболените се на возраст од една до четири години. Најекспонирана група е од една до четири години. Се работи за епидемија верифицирана и потврдена во нашиот Институт, рече Караџовски.

Нагласи дека вкупно вакцинирани во државата во периодот од почнување на епидемијата, досега, се 8.434 од кои 5.900 се во Скопје, а 2.534 во останатите градови. Според него, се очекува и натамошен развој на епидемијата, бидејќи таа се уште не го достигнала својот врв, поради тоа што само на територијата на Скопје има 50 отсто вакцинирани.

– Останатите 50 отсто се оние кои се експонирани и можат да заболат. Додека не се достигне 95 отсто ниво на колективна заштита епидемијата ќе трае. Може да се очекува епидемијата да се дистрибуира и во другите делови на државата. Вакцината е коректна, имуногена и проверена во Европа и не постои ризик од каква било реакција, истакна Караџовски и упати апел да продолжи интензивната вакцинација и родителите да ги однесат децата на вакцинирање.

Биолошка терапија за болните од мултиплекс склероза на Неврологија

Нови оддели се отворени во рамки на Универзитетската клиника за неврологија. Станува збор за одделот за мускулна биопсија и патохистолошка дијагностика на невромускулните болести, кој не работеше повеќе од пет години, и за негово отворање Клиниката обезбедила нов апарат криостат (за замрзнување и сечење на мускулното ткиво), одделот за ликворна дијагностика, кој е во склоп на биохемиската лабораторија, каде што ќе се вршат пософистицирани испитувања на цереброспиналниот ликвор, како и Дневен центар за интравенска терапија на болни со мултиплекс склероза.
По тој повод Клиниката ја посетија премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Во оваа клиника болните од мултиплекс склероза ќе примаат биолошка терапија, а според премиерот Заев предвидено е и зголемување на средствата за здравствените програми. Според него болничкото лекување за одделни ранливи групи ќе биде бесплатно, а обезбедени се и пари за набавка на нови лекови за пациентите со ретки болести.
Директорот на Клиниката за неврологија, Иван Барбов, рече дека освен што вршат едукација на медицински сестри, студенти и специјализанти по неврологија се занимаваат и со болничка дејност. Посочи дека во 2018 година низ нивните амбуланти поминале 31.000 пациент, а болнички лекувале 1.800 пациенти.

(В.Ма.)