Дали борбата за власт во албанскиот политички блок ќе се води меѓу два фронта, едниот собран околу владејачката ДУИ, а другиот на опозициските партии обединети во коалицијата „Вреди“. Од Коалицијата не очекуваат дека ќе се расцепкаат гласовите на Албанците, туку дека со евентуалното приклучување на Алијанса на Зијадин Села, ДПА на Мендух Тачи и партиите на Арјанит Хоџа и на Скендер Реџепи кон таборот на ДУИ, на гласачите ќе им бидат појасни позициите. Оттаму велат дека гласачите сега се манипулирани од одредени партии дека сакаат самостоен настап на изборите.
– Нека се соединат, со тоа на изборите кај Албанците ќе има два блока, па така ние ќе ги победиме сите заедно. Нема да се распарчи албанскиот глас. Очекуваме да излезат со заеднички листи. Тоа ќе ги разоткрие кај гласачите, зашто цело време некои субјекти велат дека сакаат сами да излезат на избори, а сега доаѓаме во ситуација кога ќе ги видиме како ќе излезат со една листа – велат од „Вреди“, алудирајќи на изјавите на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, кој досега во јавноста се залагаше партијата сама да оди на избори, за разлика од Арбен Таравари, кој ѝ се придружи на опозицијата и стана претседателски кандидат.
И претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, е оптимист и очекува здружената албанска опозиција да освои петмина пратеници повеќе од моментално владејачката ДУИ.
Тој смета дека трите партии БЕСА, Алтернатива и Демократско движење ќе издвојуваат сигурна победа.
Според него, доколку ДУИ дадела поддршка за лидерот на АА, Арбен Таравари, тој со сигурност ќе влезел во вториот круг на претстојните претседателски избори.
– Бевме на средба со премиерот на Косово, Албин Курти, излеговме потоа со заедничка изјава. Целта беше да се излезе со кандидат за претседател Албанец. Се направи повик и кон ДУИ да се поддржи тој кандидат. Доколку ги анализирате анкетите, ќе видите дека моменталниот рејтинг на СДСМ кажува дека Таравари имаше шанса да влезе во вториот круг доколку беше поддржан и од ДУИ. Деведесет и девет проценти сум сигурен во тоа, не велам дека и сега немаме шанси, но во тој случај, со оглед на рејтингот на СДСМ, тоа ќе беше реалност – изјави Гаши.
Останува да се види дали ќе има окрупнување во ДУИ, но последните најави во јавноста се дека се прават интензивни обиди на партијата на Али Ахмети да ѝ се приклучат ДПА на Мендух Тачи, крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, партијата на Аријанит Хоџа – ЕДП и Народното движење на Скендер Реџепи.
Од друга страна, другите две албански политички партии, Народното движење на Скендер Реџепи и ЕДП на Арјанит Хоџа, навестуваат дека постои веројатност да се формира широк политички блок и дополнуваат дека преговорите за заеднички настап на изборите се во полн ек.