На Европски универзитет – Скопје, вчера беа доделени три стипендии „Проф. д-р Бојо Андрески“ на здравствени работници за студирање на втор циклус постдипломски студии на Факултетот за економски науки – студиска програма „Здравствен и фармацевтски менаџмент“. Три стипендии по случаен избор за академската 2024/2025 година, се доделени на Марија Милошеска, вработена на Медицински факултет Скопје, Сашо Темковски, вработен во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“- Скопје и Маја Хаџиева-Гиговска вработена во  „Алкалоид“ АД Скопје

 

На Европски универзитет – Скопје, четврта година по ред, се доделени три стипендии „Проф. д-р Бојо Андрески“ на здравствени работници за студирање на втор циклус студии на Факултетот за економски науки – студиска програма „Здравствен и фармацевтски менаџмент“ во траење од една година.

Имено, стипендија за студиската 2024/2025 година во висина од 70 проценти ослободување од школарина, беше доделена на Маја Хаџиева Гиговска, вработена во Алкалоид АД Скопје, стипендија во висина од 50 проценти ослободување од школарина, беше доделена на Сашо Темковски, вработен во ЈЗУ ГОБ „8 Септември” Скопје. Стипендија во висина од 100 проценти, ослободување од школарина, пак, беше доделена на Марија Милошеска, вработена на Медицински факултет Скопје.

Стипендистите по завршувањето на студиите ќе се стекнат со 60 ЕКТС кредити и звање „магистер по економски науки во областа на Здравствен и фармацевтски менаџмент“.

Доделувањето на стипендиите се одвиваше по случаен избор и тоа онлајн преку платформата ZOOM. Останатите кандидати кои аплицираа, а кои не добија стипендија за академската 2024/2025 година, имаат можност за дополнителни поволности од Европски универзитет – Скопје.

Право на аплицирање имаа сите здравствени работници државјани на Македонија со завршено високо образование и минимум 240 ЕКТС кредити и со просечна оценка од студии најмалку 8,00.

„Главната девиза, мото на првиот приватен универзитет на Европски универзитет -Скопје, е ‘Едно семејство една визија’, мото кое и самиот основач проф. д-р Бојо Андрески во изминатите повеќе од 20 години го градеше. Ова е само дополнителен предизвик за сите нас да ја продолжиме неговата визија. Неговите дела и визија нè прават само посилни да продолжиме онаму каде што тој застана“, велат од Европски универзитет Скопје. Оттаму додаваат дека идејата, но и реализацијата на проф. д-р Бојо Андрески во делот на здравството е голема особено со еден од најреномираните Стоматолошки клинички центри во регионот кој во рамките на Европски универзитет – Скопје, функционира повеќе од една деценија.

На здравствените работници, со овие стипендии им се овозможува квалитетно образование и надградување на кариерен план, во чест и сеќавање на основачот на Европски универзитет – проф. д-р Бојо Андрески.

Проф. д-р Бојо Андрески (1959-2020) беше лидер во приватното високо образование во Македонија и основач и сопственик на првиот приватен универзитет во Македонија, Европски универзитет, во чијшто склоп е и Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „д-р Бојо Андрески“.

Сиот свој живот беше човек кој имаше широки интереси и сакаше да учествува во заедницата со свој придонес. Не се штедеше себеси да овозможи светски услови за студирање на неговиот Европски универзитет, знаеше да подаде рака и да додели стипендии поттикнувајќи ги најдобрите студенти.