На Германија ќе ѝ биде потребна емиграција од големи размери за да се спречи сериозниот недостиг на работна сила да ја поткопа продуктивноста и да ја загрози енергетската транзиција, изјавил Министерот за економија Роберт Хабек по повод демоградската криза со која се соочува најголемата европска економија.
„Денес имаме 300,000 непополнети работни позиции и очекуваме дека овој број ќе се зголеми на милион и повеќе. Ако не го затвориме тој јаз, ќе имаме сериозни проблеми со продуктивноста“, рекол Хабек, лидер на Зелената партија, на прес – конференција, пренесува Ројтерс.
Иако подобрувањето на обуките и флексибилноста на работните места би биле од помош, поголемата емиграција ќе биде од суштинска важност за работните места како, „инженер, занаетичија, негувател“, оценил тој.
„Тоа мораме да го организираме“, рекол Хабек кој е и вицеканцелар во новата трочлена германска владејачка коалиција, на чие чело е социјалдемократот Олаф Шулц.
Германскиот економски институт проценува дека работната сила оваа година ќе се намали за повеќе од 300,000 луѓе, бидејќи има постари работници кои заминуваат во пензија отколку млади луѓе кои влегуваат на пазарот на труд.
Се очекува дека тој недостиг до 2029 година ќе се зголеми на повеќе од 650,000, што ќе резултира со вкупен недостиг на луѓе на работна возраст до 2030 година, од отприлика пет милиони. Сепак, бројот на вработени Германци пораснал на речиси 45 милиони во 2021 година и покрај пандемијата со коронавирусот.
Повеќедецениските ниски стапки на наталитет и нееднаквоста на емиграцијата, како и се поизразениот недостиг на работна сила претставуваат демографска темпирана бомба за германскиот јавен пензиски систем, во кој товарот од пензиите на растечката армија пензионери, чиј животен век се продолжил, паѓа на грбот на се помалиот број на вработени.