На велешкото езеро „Младост“ ќе се издаваат 20 електрични велосипеди

68

Во станицата за велосипеди кај велешкото езеро „Младост“ попладнево на Општина Велес и беа доставени 20 електрични велосипеди наменети за сите граѓани и туристи. Електричните велосипедите, секој поединечно по цена од две илјади евра, се обезбедени во рамки на потпроектот „Смарт езеро Младост – прва иновативна туристичка атракција во Македонија“, со финансиска поддршка од ЕУ.

Примопредавањето на велосипедите се совпадна со стартот на Европската недела на мобилност, која годинава се одбележува од 16 до 22 септември под мотото „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“. Велосипедите се купени преку  компаниите „А1“ и „Геонет“. Општина Велес е прва општина која преку проект обезбеди електрични велосипеди наменети за граѓаните и туристите. 

Како што информираат од Општина Велес, на следната седница на Советот на Општина Велес велосипедите ќе бидат предадени на управување на ЈП „Парк спорт и паркинзи“.

Членовите на „Младинскиот велосипедски клуб Велес“ први ги возеа велосипедите на патеката покрај велешкото езеро „Младост“, а потоа до Велес и назад до станицата за велосипеди кај велешко езеро „Младост“.

Како што информираа од Општина Велес, потпроектот е раководен од Единицата за спроведување на Проектот за локална и регионална конкурентност под надлежност на вицепремиерот за економски прашања и спроведуван според протоколите на Светска Банка.

Инвестицијата во велосипедскиот туризам, како дел од проектот е во вредност од 2.726.295 денари и освен 20 електрични велосипеди, обезбедени се и смарт брави за заклучување, софтверско решение и апликација за корисниците.