На конференција за високи и средни полициски службеници, на британската министерка за полиција Дајана Џонсон украдена ѝ е чантата додека говорела за растечкиот проблем со кражбите, соопшти официјално лице од Владата.
Инцидентот се случил кога Џонсон дошла на конференцијата на Здружението на полициски надзорници во централна Англија, на која еден виш офицер рекол дека системот на кривично правосудство не функционира, пренесе Ројтерс.
Неименувано официјално лице соопшти дека чантата на министерката ѝ украдена на конференцијата, но немало безбедносни ризици за неа. Во говорот на настанот Џонсон истакнала дека Британија ја зафатила епидемија на антисоцијално однесување, на кражби воопшто и кражби во продавници.
Од полицијата на Варвикшир соопштија дека во врска со овој инцидент е уапсен 56-годишен маж, поради сомнеж за провала и дека е пуштен со кауција.
Британија, како што пренесува РТС, последниве години е погодена од пораст на бројот на кражби воопшто и кражби во продавници, додека вкупниот криминал генерално се намалува.
Сепак, бројот на кражби на предмети како што се торби и мобилни телефони пораснал за 40 проценти, покажуваат податоците од Канцеларијата за национална статистика.