На Блискиот Исток и понатаму жешко, во пресметка со Хутите, Израел го нападна Јемен

70

Нема да им дозволиме да го нападнат Израел деновиве, денес или кој било друг ден. Ќе ги напаѓаме и ќе ги бомбардираме додека не научат. Хамас научи, Хезболах научи, а Хутите исто така ќе учат, рече рече Нетанјаху. Конфликтот се разгоре откако на јеменскиот напад на Израел со балистички ракети, Израел возврати со напад на аеродромот во Сана, пристаништата на Црвеното Море и електраните во Јемен, при што загинале најмалку шест лица, а повеќе од 40 се повредени

На Блискиот Исток никако да дојде мир. Откако расчисти со Хамас и Хезболах, Израел сега влезе во пресметка со јеменското движење Ансар Алах, познато како Хути.

Конфликтите ескалираат, а според изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Израел е само на почетокот на својата кампања против Хутите, кои како што вели, се закана за безбедноста на неговата земја.

– Нема да им дозволиме да го нападнат Израел деновиве, денес или кој било друг ден. Ќе ги напаѓаме и ќе ги бомбардираме додека не научат. Хамас научи, Хезболах научи, а Хутите исто така ќе учат, рече рече Нетанјаху, пренесе Тајмс оф Израел.

Откако Хутите ноќта во средата го нападнаа Израел со балистички ракети, израелската војска следниот ден возврати со шест воздушни напади врз цели во Јемен. Во тие напади според извештаите на медицинските институции кои се под контрола на Хутите, загинале најмалку шест лица, а повеќе од 40 се повредени. Израелски воени извори објавија дека нивните воздухопловни сили ја нападнале инфраструктурата на проиранската милиција Хути на меѓународниот аеродром во јеменската престолнина Сана. Истиот извор објави дека нападнати се цели во неколку пристаништа, вклучително и во Худејда, и две електрани. Нападот на аеродромот во Сана се случи кога кога таму беше шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој не е повреден, но, како што соопшти портпаролот на СЗО, сериозно е повреден и пренесен во болница еден член на воздушниот екипаж на Обединетите нации, кој бил ангажиран во хуманитарната авијациска служба на ОН.

Вчера преку својот портпарол реагираше шефот на ОН, Антониот Гутереш.

-Израелските воздушни напади врз меѓународниот аеродром во Сана, пристаништата на Црвеното Море и електраните во Јемен се особено алармантни, изјави портпаролот, пренесе Ројтерс.

Тој изрази загриженост за ризикот од натамошна ескалација на конфликтот во регионот.

Вчера јеменските Хути ја преземаа одговорноста за нападот со балистички ракети врз Израел ноќта во средата. Тие тврдат дека мета биле аеродромот „Бен Гурион“ и дека проектилот успеал да ја достигне целта и покрај израелската одбрана. Според хутите операцијата резултирала со жртви и прекинување на летовите на аеродромот.

Но израелската армија соопшти дека ракетата била успешно соборена од воздушната одбрана и дека нема извештаи за удари на аеродромот. Во нејзиното соопштение што го пренесува „Тајмс оф Израел“ се наведува дека ракетата лансирана од Јемен била пресретната пред да стигне до израелскиот воздушен простор, а сирените за воздушен напад се огласиле низ централниот дел на Израел во текот на ноќта. Службата за итна помош Маген Дејвид Адом соопшти дека 18 лица се полесно повредени додека брзале кон засолништата. Но, како што пренесе Танјуг, аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив беше затворен околу 30 минути по истреланиот проектил од Јемен, по што е воспоставен редовниот сообраќај.

Хутите тврдат дека истата ноќ извршиле и напад со дрон, а со неколку беспилотни летала бил нападнат и контејнерски брод во Арапското Море. Израел и тоа го демантира.

Нетанјаху вчера по нападот на Хутите рече дека Израел ќе ја продолжи својата мисија додека не заврши.

-Ние сме решени да ја отсечеме оваа терористичка рака на иранската оска, изјави тој.

Портпаролот на Хутите, Мохамед Абдулсалам, пак оцени дека нападите, еден ден откако Хутите истрелаа проектил и два беспилотни летала кон Израел, се „ционистичко злосторство против целиот јеменски народ“.

Хутите, солидаризирајќи се со Палестинците, често го напаѓаат Израел од почетокот на војната во Појасот Газа на 7 октомври 2023 година. Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, рече дека злосторствата на Израел против Палестинците во Појасот Газа ќе бидат причина за нови напади и заеднички операции со Исламскиот отпор во Ирак.