Своерачно напишаното писмо од младиот Марлон Брандо со кое ја прекинал врската со Французинка кон крајот на 1940-тите може да биде продадено на аукција за 15.000 долари, пишува „Си-ен-ен“.
Писмото е адресирано до Соланж Подел, со која Брандо имал врска додека работел на Бродвеј. Според описот на „RR Auction“, Брандо и Подел се запознале во 1947 година за време на подготовката на претставата „Трамвајот наречен желба“. Бостонската „RR Auction“ го продава писмото преку Интернет, а аукцијата завршува на 9 февруари.
– Ти го пишувам ова писмо за да објаснам дека поради мојот ексцентричен и избувлив темперамент, не сакам да ги понижувам и повредувам твоите чувства со тоа што ќе те гледам само кога ми одговара според расположението – напишал Брандо во писмото на три страници.
Брандо, ѕвездата на „Кум“, „Апокалипса сега“, „На доковите на Њујорк“, имаше успешна кариера во Холивуд, додека Подел се свртела кон фотографијата.