Македонската ракометна репрезентација под водство на селекторот Данило Брестовац, ги почна подготовките за настап на Европското првенство кое ќе се одржи во три земји – Австрија, Норвешка и Шведска од 9 до 26 јануари наредната година. На првиот собир не се појавија искусните Кире Лазаров, Борко Ристовски, Дејан Манасков, Стојанче Стоилов… кои ќе се приклучат на 2 јануари.
Македонија групната фаза ќе ја игра во Виена, а е во групата со Австрија, Чешка и Украина. Првиот меч „црвено-жолтите“ го играат против Украина на 10 јануари.
-Планот го знаете, во подготовките акцентот ќе биде ставен повеќе на пријателски натпревари. Оваа недела ќе работиме со играчите што ни се како Б-репрезентација и ќе видиме кој од нив може да се наметне, односно кој ќе ни се придружи на завршните подготовки во Словенија. Имаат четири натпревари да ме убедат дека се квалитетни за да бидат во репрезентацијата на ова Европско првенство. Малку звучи грубо А и Б репрезентација, но мора така да биде за да се категоризираат самите играчи. Знаете дека имаме проблеми, дека имаат мала минутажа во клубовите, но имаат доволно натпревари за да ме уверат дека навистина заслужуваат да обезбедат место во тимот кој ќе игра на континенталниот собир, изјави селекторот Брестовац и додаде:
-Ме интересира првиот натпревар со Украина, односно да се победи на тој натпревар. После би било малку полесно за некои прогнози, односно да видиме на што ќе ставиме акцент тогаш и кога ќе го дознаеме резултатот од натпреварот меѓу Чешка и Австрија. Целта е да се влезе во вториот круг, знам дека е тешко, свесни сме дека групата не е атрактивна, но сепак можеме да видиме колку ни значи првото место. Во група сме со репрезентации кои треба да ги добиеме, подобри сме од нив иако имаме проблеми со играчи кои не играат во клубовите, меѓутоа имаме квалитет. Ова Европско првенство може да ни донесе и многу позитивни работи, очекувам дека ќе блесне некој од овие млади играчи. Не велам дека ова е нивна последна шанса, но редно време е некој да исплива на површина.
Јас сум подготвен да вложувам во младите, но доколку тие за овие четири натпревари не покажат дека сакаат, јас не можам да натерам некого со сила. Едноставно најтешко е да го разбудиш некој што се преправа дека спие. Ако некој се преправа дека спие, како ќе го разбудиме, изјави селекторот Данило Брестовац на почетокот од подготовките
Брестовац е дециден дека само од младите играчите зависи кој ќе биде на конечниот список за Австрија.
-Кој ќе се најде на конечниот список, зависи само од нив. Јас сум подготвен да вложувам во младите, но доколку тие за овие четири натпревари не покажат дека сакаат, јас не можам да натерам некого со сила. Едноставно најтешко е да го разбудиш некој што се преправа дека спие. Ако некој се преправа дека спие, како ќе го разбудиме. Ќе се обидам да им дадам шанса, спремен сум да ризикувам и ако играчите ми покажат дека сакаат и се подготвени ќе добијат шанса на ова првенство.
Првите два меча Македонија ќе ги има на 25 и 26 декември во Србија против Кувајт, додека на „Трофеј Карпати“ ќе се игра на 28 и 29 декември. Првиот меч, односно полуфиналето, е против Алжир, додека ден подоцна, во зависност од резултатот, ќе се игра со Холандија или Романија.