Најсериозниот кандидат во СДСМ не поминува кај Албанците

142

Интензивните разговори за изнаоѓање на консензуален кандидат продолжуваат, но не носат нови моменти. И понатаму е неизвесно дали владиниот двоец Заев – Ахмети ќе се најде на средина и ќе понуди заедничко решение за претстојните претседателски избори. Во недостиг на официјални информации, на “Бихаќка” и натаму се калкулира со имињата на министрите Радмила Шеќеринска, Никола Тодоров и Оливер Спасовски, а во внатрепартиската трка високо котира и Националниот кооординатор за НАТО, Стево Пендаровски.

Неофицијално, во партијата мртва трка се води меѓу Пендаровски и Димитров, но како што пренесуваат дел од албанските медиуми, токму шефот на дипломатијата не е прифатлив за првиот интегративец Али Ахмети.
Портали на албански јазик деновиве објавија фотографија како Димитров се гушка со Тарчуловски и го означија тоа како “неприфатливо”.

За агенцијата Ина, членството на таткото и мајката на Никола Димитров во ВМРО-ДПМНЕ, а и неговата постојана блискост со оваа партија и за време на Никола Груевски, не му даваат големи шанси кај гласачите Албанци во однос на определбата на СДСМ и ДУИ за консензуален кандидат.

Објавена е и фотографија на Димитров како некаде во Хаг се прегрнува со Јохан Тарчуловски. За авторот на текстот во Ина, Хузеир Мустафи, неприфатливо за Албанците е и тоа што тој како амбасадор во Хаг имал задача да помага во процесот против Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски покренат од Хашкиот трибунал за воени злосторства.
Авторот дури вели дека Димитров како советник на претседателот Борис Трајковски за време на конфликтот во Македонија во 2001 година бил задолжен за набавка на руско оружје и за носење на искусни инструктори од руската армија за македонските специјалци.

Претходно и порталот Алмакос потсети на досегашните државни ангажмани на Никола Димитров, како еден од личностите кои СДСМ би можела да го именува за изборите за шеф на државата. Порталот потсети и на изјавите на Димитров од 2001 година против Охридскиот договор, за неговото застапништво на тужбата пред Меѓународнот суд на правдата во Хаг против Грција.

Во меѓувреме, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на средби со помалите партии од албанскиот блок прави обид да се најде заеднички кандидат за претседател на државата, прифатлив за граѓаните од сите етнички заедници.
Во рамки на разговорите и консултациите со коалициските партнери околу можноста за изнаоѓање заеднички кандидат за претстојните претседателски избори Заев се сретна и со Билал Касами.Касами, по средбата со премиерот, Зоран Заев изјави дека се разговарало за неколку опции кои ќе се разгледаат внатре во партијата пред да одлучат дали ќе му дадат поддршка на кандидатот.
-Да не биде за едните мајка, а за другите маќеа. Нашата поддршка нема да биде безусловна. Важен е пристапот, а уште повеќе човекот. Имаме повеќе опции за разгледување, важна беше и оваа опција, еден таков кандидат има шанси да добие – рече Касами.

Заев во средата требаше да се сретне со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, но Села ја откажа средбата во знак на револт од одземањето на ингеренциите во образованието на гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари.