Најмногу се гради во Гази Баба и во Центар

171

Во ноември 2022 година се издадени 85 одобренија за градење во Скопскиот Регион, од кои 51 на градежни фирми и 34 на физички лица.

Во Општина Гази Баба се издадени 32 одобренија, во Центар – 22, во Илинден – 14, Во Петровец – 5, во Чучер Сандево – 4, Сопиште – 3, Аеродром – 2 и по едно во Зелениково, Сарај и во Студеничани.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 1,89 милијарди денари или 30,7 милиони евра.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 249 станови со вкупна корисна површина од 17.691 квадратен метар. Најмногу станови се во Центар – 123 и 118 во Гази Баба, и најголем процент се двособни станови.

Според статистичките податоци, во 2021 година биле завршени 5.959 станови, а во 2020 година – 4.077. Од вкупно изградените станови во 2021 година, најмногу биле изградени трисобни станови (29,3 %), а најмалку гарсониери и еднособни (7,3 %). Речиси секој трети стан што е изграден во 2021 година е трисобен. Во 2021 година, бројот на завршени станови е за 46,2 % поголем во однос на претходната година. Просечната корисна површина на завршените станови е 91,1 квадратен метар.

Во вкупната вредност на потрошените градежни материјали и енергија, во 2021 година, најголемо учество има групата материјали за врзување со 3, 5 милијарди денари (37,6 %), во која спаѓа цементот, но тука влегуваат и свежиот бетон подготвен за леење и асфалтот.

(С.Бл.)