Најмалку 50 Палестинци загинаа во денешните израелски напади во Газа

17
Фото: EPA-EFE/MOHAMMED SABER

Најмалку 50 Палестинци загинаа денеска во израелски воени напади низ Појасот Газа, со зголемен притисок од израелската армија (ИДФ) околу бегалскиот камп Џабалија на северот од енклавата.

Како што јави Ројтерс, палестинските здравствени власти соопштија дека најмалку 17 лица се убиени во израелски напад во близина на Ал-Фалуџа во Џабалија, најголемиот од осумте бегалски кампови во Газа, додека други 10 се убиени во Бани Сухаила во источниот дел на градот Кан Јунис јужно од енклавата.

Претходно денеска, израелски воздушен напад уништи три куќи во предградието Сабра во Газа, а локалните служби за итни случаи соопштија дека две тела биле извлечени од местото на експлозијата и дека потрагата продолжува по 12 лица за кои се верува дека биле дома во моментот на експлозијата.

Уште осум лица загинаа кога беше погодена куќа во кампот Нусејрат во центарот на Газа. Министерството за здравство во Газа претходно денеска соопшти дека еден лекар бил убиен кога се обидел да им помогне на ранетите во израелските напади во Ал-Фалуџа во Џабалија.

Неколку медицински лица исто така беа ранети кога нивните амбулантни возила беа под израелски напад во северниот и јужниот дел на Појасот Газа. Жителите на Џабалија изјавија дека израелските сили уништиле десетици куќи во последните 10 дена.

Канцеларијата на ОН за човекови права денеска соопшти дека се чини дека израелската војска „целосно го одвојува северниот дел на Газа од остатокот од Појасот Газа“.

„Во услови на интензивен конфликт и наредби за евакуација во северниот дел на Газа, семејствата се соочуваат со незамислив страв, губење на најблиските, збунетост и исцрпеност. Луѓето мора да можат безбедно да избегаат, без дополнителен ризик“, Адријан Цимерман, шеф на подделегацијата на Меѓународниот комитет. , се вели во соопштението на Црвениот крст (МКЦК) во Газа, пренесува Танјуг.