Најмалку 16 загинати и 20 исчезнати во поплави и свлечишта во БиХ кои уништија куќи, патишта и пруга

1499

Погодените места останаа отсечени подолго време и службите за помош не можеа да пријдат до нив. Исто така, поради уништената мрежа, отежната е комуникацијата. Најкритична е ситуацијата во Јабланица каде што околу три часот по полноќ кога луѓето спиеле се случиле одрони, кои урнале повеќе куќи, а куќите  покрај езерото се под вода. Жена во осми месец од бременоста е спасена, но го изгубила плодот и е во критична состојба, а маж кој со својот татко успеал да спаси десетина лица од поплавите, го однеле надојдените води

 

Најмалку 16 лица загинаа, а дваесетина се водат како исчезнати во големата поплава и одроните во босанскохерцеговските општини Јабланица, Коњиц, Кисељак, Фојница и Крешево, што се случија по 24 часовни обилни врнежи.

-Која е точната бројка сè уште не знаеме. Не се сеќавам на ваква криза од војната наваму, размерите на оваа хаотична ситуација се застрашувачки, рече шефот на одделот за односи со јавност на Владата на Херцеговско-неретванскиот кантон- ХНК, Дарко Јука.

Поплавите од надојдените реки и потоци уништија патиштата, урнаа неколку мостови и предизвикаа одрони, така што погодените места останаа отсечени подолго време и службите за помош до доцна попладнето не можеа да пријдат до нив. Исто така, поради уништената мрежа, отежната е комуникацијата.

Околу пладне ситуацијата малку се стабилизира и итните служби конечно  успеаја да се пробијат до Јабланица и околните места, каде што е најтешко. Цивилната заштита соопшти дека таму има голем број свлечишта кои урнале куќи. Тоа се случило околу  3 часот по полноќ кога луѓето спиеле. Свлечиштата уништиле и дел од пругата која сега виси во воздух, а поплавени се куќите покрај езерото. Градот долго време беше целосно отсечен, а немаше ни мобилен сигнал. Во Долна Јабланица уништени се 15, а во општина Коњиц најмалку 10 куќи и се трага по повеќе лица кои се водат како исчезнати.

Кантоналната болница ги ослободи сите свои капацитети, а вработените ќе останат на работните места сè додека не се смири ситуацијата. Околу пладне се примени првите повредени спасени луѓе меѓу кои и жена во осмиот месец на бременост. Според директорката на болницата, Ламија Дурановиќ, таа го изгубила плодот и е во критична состојба, додека нејзиниот сопруг, кој исто така е пренесен во болницата, не е животно загрозен.

По социјалните мрежи кружат вознемирувачки снимки од спасувачките акции. На една од нив се гледа како луѓе влегуваат во корпа на багер, подигната до првиот кат на една куќа во Фојница, додека долу тече вода како река.

Медиумите на терен регистрираа повеќе трагични случаи. Според информациите на „Аваз“, во Јабланица татко и син храбро се бореле и успеале да спасат 10 лица од поплавите. Потоа поројот го повлекол синот и го однел. „Аваз“ посочува дека е можно во Јабланица да загинале поголем број лица за кои се мисли дека се повредени.

За спасување на населението од поплавените места  вчера на терен беа сите расположливи сили, од Цивилна заштита, полиција, Горска служба, до Црвениот крст. Помош дојде и од соседните кантони. Нешто подоцна, на вонредна седница  Претседателството на БиХ донесе одлука во Јабланица да помага и војската.  Ургентно се ангажирани инженерските единици, единиците за спасување луѓе и хеликоптер на вооружените сили на БиХ со цел итно да им се пружи помош на цивилните власти во реакцијата на природната несреќа.

– Сите екипи на јавниот сектор и приватни компании се наоѓаат на терен и прават сè локалните потоци да се насочат во нивните корита и да се ослободат локалните  патишта, изјавија властите попладнето.

Ситуацијата беше толку критична што се упати барање и до ЕУФОР за ангажирање хеликоптер за медицинска евакуација.

Владата на Федерацијата БиХ вчера одлучи од буџетот да издвои 6.000.000 конвертибилни марки за санација на штетите од поплавите.

За една деценија ова е втора катастрофална поплава што ја погодува БиХ. Во поплавите во мај 2014 година загина 21 лице, а околу еден ипол милион жители претрпеа штети или беа евакуирани.

Обилни дождови изминатите два дена имаше и во Црна Гора и Хрватска. Во Црна Гора тие предизвикаа поплави поради кои се отсечени некои села. Водата продираше во куќите и носеше некои објекти, а улиците во некои места беа поплавени. Нивото на Морача во Подгорица драматично се покачи и надмина осум метри, а се очекува и понатаму да расте. Зголемен и е водостојот на повеќе други реки.

Пораснаа водостоите на реките и во Хрватска, а од тамошниот Центар за одбрана од поплави предупредија дека може да биде поплавен и Загреб. Медиумите јавуваат дека се соборуваат рекорди по количина на дождови во еден ден и водостоите на реките растат по неколку метри. Откако нарасна за речиси три метри, за 24 часа, Купа се излеа на сообраќајниците. Во Истра пожарникари имале три,а во Приморско горанската жупанија четири интервенции во врска со проблемите од обилните дождови.

Со реката Купа мака мачи и Словенија. Луѓето кои живеат покрај неа се плашат од тоа што може да им се случи, а на работа одат по заобиколни патишта, зашто другите се поплавени.