Загадувањето на воздухот доаѓа од граѓаните, а потоа истите граѓани бараат проблемот да го решат општините, вели Доне Илов, општински инспектор за животна средина во Општина Кавадарци за веб-платформата „Чист воздух“. Според него, најголемите загадувачи се грејните тела на индивидуалните семејства, а решението е повторно кај граѓаните.

– Летниот период немаме проблем со загадувањето на воздухот. Во текот на зимскиот период загадување има и тоа претежно по 17 часот, кога граѓаните се враќаат во своите домови. По 23 часот загадувањето повторно опаѓа. Ова е периодот на активни грејни тела во домаќинствата. Пред неколку години имавме мерења за активен јаглен и тие мерења покажаа дека најголем процент од загадувањето доаѓа од фосилни горива – вели Илов.

Општина Кавадарци има и индустриски капацитети. Има еден капацитет со А интегрирана дозвола, но тој е надвор од градската средина и од централното градско подрачје за да има сериозно влијание врз мерењата. Според инспекторот Илов, најважна е едукацијата и информирањето на граѓаните.

– Едукацијата е најважна. Луѓето користат влажни дрва, градежен шут и други екстремно токсични материи за греење. Тоа прави голем проблем. Едно решение е секако гасификацијата и ние сме подготвени за тоа, а исто така и централно греење. Општина Кавадарци во централното градско подрачје има капацитет да воведе централно греење со што ќе се контролираат емисиите на гасови – вели Илов.

Инспекторатот е надлежен за контрола на загадувачите и нивно санкционирање, но според инспекторот Илов да се влезе во домовите и да се провери кој на што се грее е речиси невозможно и екстремно скапо.

– За видиме дали некој се грее со несоодветно гориво мора да влеземе во домот на сопственикот. Ние таква надлежност немаме. Друг начин е да го проверите оџакот. Сепак за да поставите мерни инструменти на оџаци на приватни куќи е исто така многу сложен процес и потребни се голем број на документи. На пример, кога се мери на индустриски капацитети, поставувањето на вакви сензори трае неколку часа, па тие остануваат таму неколку дена, па од тоа се вади средна вредност и се анализира загадувањето. Целиот процес чини илјадници евра. Ова да го правите во приватни домови е неисплатливо и невозможно – вели Илов.

Тој е убеден дека едукацијата на граѓаните може значително да помогне. Проектот кој општина Кавадарци го работи заедно со другите општини може да помогне во едукација на населението и во нивно информирање.

– Проектот ќе допре до граѓаните. Самиот проект мислам дека ќе направи промена на мислењето кај граѓаните. Воедно и мерењата кои се вршат и кои ќе се објават ќе покажат дека загадувачи се фосилните горива и дрвата. Загадувањето се јавува во грејната сезона и попладне. Се надевам дека ќе почнат самите луѓе да размислуваат дека сами си го загадуваме воздухот – вели Илов.

Општината често издава соопштенија во зимскиот период, каде ги предупредува граѓаните да внимаваат на употребата на горива за греење. Пред неколку години општината донесе и препораки каде ги вклучува сите засегнати во надминување на овој проблем.

Веб-платформата „Чист воздух“ е креирана во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“ кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Македонија во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Град Скопје, со финансиска поддршка на Шведска.