Нашите работници почнаа да одат на печалба во Албанија, платата на инженер – 3 000 евра

Албанија економски веќе нè престигна, а доживува и градежен и туристички бум. Се градат патишта, згради, хотели... а туризмот забрзано се развива. Освен според растот на БДП, Албанија нè престигна и според растот на минималната и на просечната плата. Поради тоа, последнава година, голем број македонски работници, пред сè од градежниот и од угостилско-туристичкиот сектор, користејќи ја можноста за работа без виза, преку иницијативата „Отворен Балкан“, заминуваат на работа во оваа соседна зема

5838

Освен во Хрватска, Словенија, Србија, младите од Македонија почнаа да одат на печалба и во Албанија, каде што платата на електроинженер достигнува и до 3 000 евра. Албанија економски веќе нè престигна, а доживува и градежен и туристички бум. Се градат патишта, згради, хотели… а туризмот забрзано се развива. Освен според растот на БДП, Албанија нè престигна и според растот на минималната и на просечната плата. Поради тоа, последнава година, голем број македонски работници, пред сè од градежниот и од угостилско-туристичкиот сектор, користејќи ја можноста за работа без виза, преку иницијативата „Отворен Балкан“, заминуваат на работа во оваа соседна зема.

Професорот Дејан Трајковски вели дека за разлика од Македонија, која стагнира, Албанија економски оди напред, затоа младите остануваат таму, а нашите се иселуваат.

– Во Македонија луѓето, а особено младите, не гледаат никаква светла перспектива и масовно се иселуваат. Во Албанија, пак, гледаат убава перспектива, а на работата во странство гледаат само како на можност за печалба, заради започнување нов живот во татковината – пишува Трајковски во својот фејсбук-статус.

Тој појаснува дека Албанија се развива во секој поглед. Се гради, се развива туризмот, се отвораат нови работни места…

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека Албанија нè престигнала и со минималната и со просечната плата.

– Повисоките плати на земјите од регионот ги натераа македонските работници да заминат на сезонска работа. Албанија е далеку пред нас и во однос на платите и во однос на изградбата на нова инфраструктура, се градат згради, патишта, мостови…Поради тоа, имаат потреба од градежни работници, а нашите работници, кои се на минималец, последниве години масовно одат на работа и во оваа соседна земји – вели за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од ССМ.

Економистите и аналитичарите во државата сметаат дека причина за одењето на сезонска работа и за иселувањето на младите не само во Албанија туку и во другите соседни и европски држави не се само платите туку и многу други фактори.

– Проблемот со платата веќе не е главен двигател на мобилизацијата и на заминувањето на нашите способни и едуцирани кадри. Квалитетот на живот, корупцијата и ниската какизација се главниот мотив. Во Македонија сè уште не се цени квалитетот и сè уште се ставаат најмалку способните кадри на високи позиции. Погледнете само со какви дипломи се дел од замениците на министрите, на какви позиции се ,и сè станува јасно. Сè додека не се ценат квалитетот на знаењето, едукацијата и вештините, а се цени партиската припадност, ќе имаме висок одлив на способен кадар – изјави аналитичарот Синиша Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека кога ќе ги средиме работите кај нас, младите ќе престанат да се иселуваат.

– Главни причини за иселувањето се проблемите кои постојат во државата, а кои никако да се надминат, како високата партизација, невладеењето на правото, лошото судство, нефункционалната администрација… Во некои земји, овој тренд е запрен, но кај нас, за да се случи тоа, потребни се многу промени, пред сè промена на стопанската структура и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Кога ќе се средат проблемите кај нас и кога нема толку да заостануваме од просечните плати во Европа и во регионот, се надеваме дека ќе запре овој тренд. Инаку, факт е дека секој човек сака да живее таму каде што се родил, но треба да има добри услови за живот. Ако имаме ние добра економија и добри плати, секако дека процесот на иселување ќе запре – вели Димитров.

Според последниот извештај на Светска банка, економскиот раст на Албанија е повисок од нашиот. Банката проценува дека годинава економскиот раст на Албанија ќе изнесува 3,3 отсто, а на Македонија 2,5 отсто.

(А.С.)