Националниот џез-оркестар го отвори „Џез-фест Сараево“ заедно со Рамбо Амадеус

23

По отворањето на Хрватскиот џез-фестивал  во октомври, во Загреб, Националниот џез-оркестар на Македонија деновиве го отвори и меѓународниот музички фестивал „Џез-фест Сараево“ 2024. Македонскиот национален џез-оркестар настапи во Народниот театар во Сараево со музичарот Рамбо Амадеус, изведувајќи го неговиот добро познат репертоар во аранжман за голем оркестар. Специјално изненадување за публиката беше гостувањето на првенката на сараевската опера, Аида Чорбаџиќ, со песната „Е, мој Рамбо“.

 

Македонскиот државен џез-оркестар го предводеше маестро Џијан Емин, а настапија трубачите: Трајче Велков, Сенад Усеин и Јордан Колевски, саксофонистите Кирил Кузманов, Борислав Веселинов, Славко Ѓорѓиев, Валентин Видовиќ, Иван Трајаноски, тромбонистите Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски, гитаристот Зоран Костадиновски, бас-гитаристот Дарко Мучев, пијанистот Гордан Спасовски, перкусионистот Виктор Филиповски и тапанарот Гоце Стевковски.

Богатите аранжмани, извонредната музичка уметност и хуморот на Рамбо со овации од публиката го направија отворањето на овогодишниот џез-фест извонреден настан кој на најдобар начин го започна музичкото патување на „Џез-фест Сараево“, годинава.