Среќна сум што можеме да кажеме дека ако пред две години како граѓански организации побаравме од институциите да се вложат во изработка на легислатива за климатските промени, денес можеме да кажеме дека тоа веќе се случува. Документите секогаш можат да изгледаат подобро, а потребна е и поголема транспарентност на институциите и вклученост на граѓанските организации – рече Ана Чоловиќ-Лешоска, директор на „Еко-свест“ на денешната дискусија на тема „Визија и цели за справување со промените во климата 2030/2050“, во рамките на Националната конференција за клима.

На средбата, освен претставници на граѓанските организации, учествуваа и претставници на големи организации кои обединуваат еколошки здруженија од цела Европа и работат на подобрување на политиките на ЕУ за овие прашања.

Елена Николовска од „Еко-свест“ се осврна на состојбите на национално ниво. Таа истакна дека праведната транзиција треба да започне во регионите со јаглен и треба да се води од локално кон национално ниво и тоа ќе каже дали сме навистина подготвени за зголемена климатска амбиција.

-Најголем дел од емисиите на стакленички гасови во нашата земја доаѓаат од енергетскиот сектор додека секторот транспорт и секторот отпад се со најбрзорастечки емисии во земјата. Во јануари минатата година Владата на РСМ ја одобри Енергетската стратетија 2020-2040, кога беа вклучени и граѓанските организации. Јагленот како енергенс треба да се напушти до 2023 го ТЕЦ Осломеј, и 2025-28 во РЕК Битола. За жал, во политиките за климатска акција недостасува долгорочна цел за намалување на емисиите. – вели Николовска.

 

Учесник на дискусијата беше Давиде Сабадин, од European Environmental Bureau (Европско биро за животна средина), една од најголемите еколошки организации што обединува 160 граѓански организации од Европа насочена кон политичките дијалози.

-Ние третираме глобални прашања, клима, енергија, циркуларна економија, индустриско загадување, а нашата визија е предводена од научни докази. Со Парискиот договор се обврзавме дека глобалните температура мора да се одржува да не порасне повеќе од 1.5 степени целзиусови. Со цел да се постигнат овие резултати треба забрзано  да ги намалуваме глобалните емисии. И покрај Ковид-19, концентрацијата е сѐ уште голема и мора да ги смениме нашите активности побрзо – рече Сабадин. Тој истакна дека гасот не е одговор, туку е проблем.

Го имаме Законот за клима на ЕУ кој вели дека треба најмалку 55 отсто намалување на емисиите на стакленички гасови на ниво на ЕУ, но и ова нема да биде доволно.

 

-Мора да се декарбонизираат фабриките за челик во Европа. Секоја енергија од обновливи извори треба да биде промовирана. Нема транзициско гориво, или сте дел од проблемот или сте дел од решението. Природниот гас го сметавме за иднина, но тоа беше во минатото, не и денес. Промената не треба да дојде на трошок на најранливите делови на општеството, треба да се осигураме дека луѓето ќе можат да ја направат промената, а нема да биде голем трошок за самото семејство. Гасот не треба да биде во нашите домови – смета Сабадин.

Тој додаде дека е потребно 20-30 години за да се исплати инвестицијата за гасна инфраструктура, а ние толку време немаме.

-Подобро е да се фокусираме на други технолошки решенија – соларно-термални или грејни пумпи за грееење на просторот, на пример. Тие имаат поголем трошок на почетокот, но сега има многу јавни европски средства, за луѓето да не морат да купуваат гас. Фотоволтаиции, топлотни пумпи исто така ги намалуваат сметките за струја – рече Сабадин.

Во ноември 2020 година, Македонија во Софија потпиша декларација заедно со лидерите на земјите од Западен Балкан, за меѓусебна интерсекторска соработка. Декларацијата подразбира дека до 2050 година ќе има декарбонизација, а за тоа треба голема политичка волја, истакна Виктор Беришај, кој е дел од големата мрежа Climate Action Network-Europe посветена на работата на климата и политиката на климатските промени и како тие се применети во Западен Балкан. Тоа е голема мрежа на невладини организации со околу 170 членки од 38 земји од Европа. Тој истакна дека токму најголемите земји кои емитираат стакленички гасови како Кина, САД, Индија, треба да се поамбициозни во справувањето со овој проблем. Тие сепак својата успешност ја мерат според нивниот БДП, а не според тоа што направиле за екологијата.

 

-Во 2019 година беше претставен зелениот договор на ЕУ, во кој е и Западен Балкан. Науката зборува и креаторите на политиките треба да ја слушаат. Но, промените не се случуваат брзо и очекувам дека темпото ќе се засили. Како земја што се стреми кон ЕУ, ова треба да биде голем приоритет. Енергетската стратегија на С.Македонија до 2025 или 2027 да престане да користи јаглен е важна, зашто свесни сме не само за стакленичките гасови, но и за загадувањето на воздухот кој е голем проблем во земјата. Термоелектраните се голем проблем. За жал, Секретаријатот на енергетската заедница отвора случај против С.Македонија, Косово, Србија и БиХ, зашто го повредуваат договорот и не се придружуваат кон заложбите за декарбонизација. С.Македонија е првата земја која има национален план за климатска промена и според планот, и има понова цел да се намалат емисиите на стаклечки гласови за 51 процент до 2030 година, тоа е многу позитивен чекор. Исто така најави дека ќе ја затвори РЕК Битола до 2027 година – рече Беришај.

Термоелектраните се проблем за многу земји од ЕУ. Засега 50 отсто од нив се затворени, на пола пат сме да ги затвориме останатите, а прва и најважна поента е дека не треба да се развиваат нови проекти со јаглен.

-Треба да се земе предвид транзицијата во однос на енергијата, не значи само да се затворат туку да се обезбедат остварливи решенија што ќе ги заменат. Важно е креаторите на политиките да имаат план како да престане употребата на јаглен. На работниците треба да им се каже дека ќе има транзија на работните места и дека нема да останат без работа – рече Беришај.

Шумарскиот сектор ќе има клучна улога за идните политики, се согласија учесниците на дебатата. Последните истражувања – шумите апсорбираат 30 посто од ЦО2 емисии и шумите за нас имаат огромно значење, истакна ас м-р Владимир Стојановски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и еко-инженеринг „Ханс Ем“ од Скопје.

Тој истакна дека не треба да се форсираат личните интереси и најголемиот загадувач да добива државна субвенција.

– Шумите не можат да бидат алиби за другите работи. Пошумувањето мора да дојде како дополнителна активност, а не како замена на кратењето на емисиите за ЦО2. Шумите не треба да бидат оправдание на другите сектори – додаде Сабадин.

Националната конференција за клима е дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“, што заедно го реализират „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија.