Национална стратегија до 2050 година – да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата!

На Денот на македонската револуционерна борба, премиерот Мицкоски со револуционерна идеја

14

,,Мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. Таков консензус, за жал, ни недостига сиве овие години ,,– порача Мицкоски и рече дека од денот кога почнал да се занимава со политика, сметал дека му е потребна енергија на македонското прашање.

На свечената академија по повод Денот на македонската револуционерна борба, под слоганот „Завет што обврзува“, која се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност, премиерот Христијан Мицкоски најави стратегија на државата до 2050 година. Владата, како што рече премиерот, ќе се обиде да го договори овој проект со Македонската академија на науките и уметностите и со универзитетската заедница и да го преточи во стратегија до 2050 година во која ќе се дефинираат националните приоритети.

– Мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. Таков консензус, за жал, ни недостига сиве овие години – порача Мицкоски. 

Тој рече дека од денот кога почнал да се занимава со политика, сметал дека му е потребна енергија на македонското прашање.

– Сметам дека денес дојде денот да започнеме еден сериозен, нов проект. Една сеофпатна стратегија, која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава. Мора да ги користиме знаењата на сите што можат да помогнат. Мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. Таков консензус, за жал, ни недостига сиве овие години.

На граѓаните, оцени премиерот, им е преку глава од водење држава ден за ден, потребна им е долгорочна стратегија чии главни точки и цели нема да зависат од лакомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење.

Научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но овој пат мора да се вклучат и да помогнат во развојот и поставувањето на целите и на приоритетите. Потекнувам од универзитетската заедница и знам што значи титулата што ја имаат сите оние што ги повикувам да се вклучат во овој проект. Од нив може многу да научиме, тие се духот на нашата земја и дел од нашиот идентитет. Секоја академија на науки од соседството соработува со својата држава и придонесува кон градењето стратегии за државата. Нашата мора да го добие заслуженото место на почит, но и на одговорност.

Премиерот повика на сплотеност за поголем развој и просперитет на државата.

Мора да се свртиме кон себе, да се цениме повеќе, да веруваме во себе, да не дозволиме апатијата да нè проголта и да нè водат алузиите дека сите нè престигнале и дека не нè бидува. Не е точно. Одамна ќе бевме во ЕУ да не беа билатералните проблеми. Да се потсетиме, билатералните проблеми постоеја на денот на осамостојувањето и траат до денес, како дел од нивната стратешка политика, базирано на нивното гледање на историјата и нивните интереси до ден-денес – истакна Мицкоски во говорот по повод Денот на македонската револуционерна борба.

Порака за сплотување, по повод државниот празник, испрати државниот врв. Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова порача да ја чуваме државата бидејќи друга немаме.

– Да не заборавиме дека државноста е тешко стекната, а не подарена и дека треба да се брани со демократски инструменти наместо со оружје, како некогаш. Идејата водилка на основачите на Македонската револуционерна организација, кои пред 131 година визионерски зачекорија по трнливиот пат кон политичка автономија, еволуираше и се доградуваше низ годините. Резултатот е самостојна македонска држава исправена пред нови предизвици. Прославувајќи го Денот на македонската револуционерна борба, да се потсетиме на сите знајни и незнајни херои и на нивните идеали, убедувања и жртви.

Сиљановска-Давкова ѝ порача на нацијата, да се грижиме за својата татковина оти друга немаме. – Без сите нас, нема македонска држава – вели претседателката во честитката, додавајќи дека државата треба да им се остави на потомците, како што ни ја оставиле нам македонските револуционери.

Во името на пратениците и во свое лично име, честитка по повод 23 Октомври испрати и собранискиот претседател, Африм Гаши. Истакна оти денешната генерација во државата, која ги ужива плодовите на самостојноста и на демократијата, денес е исправена пред поинакви предизвици.

– Наша стратешка цел сега се полноправното членство во ЕУ и понатамошното етаблирање во НАТО како рамноправна земја членка. Предизвик за нашата генерација е постојано да ги унапредуваме демократските процеси, стандардите во здравството, образованието и во науката, владеењето на правото, економските и социјалните текови и рамноправноста меѓу граѓаните, без разлика на националната, верската, родовата или политичката припадност – напиша Гаши во честитката по повод Денот на револуционерната борба и додаде дека значајните датуми од историјата на нашите народи се наш потсетник дека треба да дејствуваме сплотено во градењето современа и просперитетна држава.

Од СДСМ, до затворање на весникот, не испратија честитка по повод Денот на македонската револуционерна борба.

По повод 23 Октомври, делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од генералниот секретар – Ѓоргија Сајкоски, делегација на пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ предводена од пратеникот и потпретседател на Собранието – Антонио Милошоски, делегација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Александар Пандов и делегација на Унијата на ветерани положија цвеќиња пред споменикот на основачите на ВМРО, во Жена-паркот во Скопје. Денот се одбележа и во Битола, пред споменикот на Груев во дворот на НУ Завод и музеј во Битола, почит оддадоа градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на Општина Битола, како и делегации од Сојузот на борците, Здружението на граѓани за заштита на ликот и делото на Дамјан Груев и политички партии.

На овој ден во 1893 година, во Солун, е формирана Македонската револуционерна организација, која претставува главна сила во организираниот отпор насочен за ослободување. Организацијата имала цел да извојува автономија за Македонија преку револуционерна борба, а кулминацијата на нејзината активност било Илинденското востание во 1903 година. Основачите, меѓу кои Христо Татарчев, Даме Груев и Антон Димитров, ја започнале агитацијата меѓу младите во Солун, создавајќи кружоци и конспиративни групи. Набргу, тие формирале месни комитети и започнале со создавање оружени чети. Празникот во земјава се прославува од 2007 година. (П.А)