Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство: Најстрога казна за убиецот од Кочани  и одговорност од институциите за убиството на жените

49
Foto: Pexels

Најстрога казна за сторителот на убиството во Кочани, кое се случи пред два дена, кога маж со 40 убоди со нож ја уби својата поранешна партнерка, бара Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Оттаму, потсетуваат и на двојно убиство во Куманово, кога сопруг си ја убил својата сопруга и нејзината мајка, а потоа се самоуби, што заедно со случајот во Кочани, се три фемициди извршени во еден месец, на кои им претходело долгогодишно семејно насилство кое било пријавувано во полиција.

– Бараме да се поведе постапка за испитување на одговорноста на службените лица, во врска со двата случаи, кои не постапиле навремено и чиешто непрофесионално работење доведе до смрт на три жени. По спроведената постапка за утврдување одговорност, очекуваме службените лица да бидат соодветно санкционирани, соопштуваат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Нивната анализа покажала дека во периодот од 2017 до 2020 година во државата се регистрирани вкупно 22 фемициди.

– Кај повеќето анализирани случаи убиството е извршено од сегашен или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во повеќе од 80 отсто од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата. Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно, се пријавени само два процента од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот, информираат од Националната мрежа.

Тие потенцираат дека овие наоди се јасни индикатори за недоверба кон институциите и генерално недоверба во системот на заштита. Според нив, со неказнувањето и/или несоодветното казнување на сторителите на насилство им се праќа порака со која се одобрува нивното насилно однесување и тие се охрабруваат да продолжат да вршат насилство.

– Бараме од Основното јавно обвинителство да го квалификува убиството во Кочани согласно член 123, став 2а „друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство“, и при одредување на висината на казната да ги земе предвид сите околности, односно да не го третира случајот како еднократен инцидент, туку убиство како последица на долгогодишно семејно насилство. Согласно ова, бараме одредување највисока казна за сторителот, потенцираат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Тие бараат и поведување постапка за испитување на одговорноста на службените лица, во врска со двата случаи, кои не постапиле навремено и чиешто непрофесионално работење доведе до смрт на три жени.

Во понеделникот, во Кочани 46-годишна жена беше свирепо убиена со 40 убоди од нож пред нејзината куќа од страна на маж, со кој наводно била во љубовна врска. Во мај, таа го пријавила убиецот за уцена, односно тој ѝ се заканувал ќе објавел компромитирачки фотографии и видеа ако не му даде пари.