Еден од настаните кои ја воодушевија македонската јавност, годинава беше ретроспективната изложба на реномираниот македонски уметник Димитар Кондовски. По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Националната галерија го претстави неговото творештво во Даут-пашиниот амам. „Портретот во фокус“, пак, е изложбата која пред јавноста го откри богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски, а која сè уште може да се види во Даут-пашиниот амам
Поголем број изложби на македонски и регионални уметници, кои го привлекоа и задржаа вниманието на јавноста, ја означија годинава што изминува во Националната галерија на Македонија. Деновиве, директорката на оваа институција, д-р Дита Старова Ќерими, направи ретроспектива на настаните кои Националната галерија во 2022 ги реализираше посочувајќи дека станува збор за успешна година, која е остварена со особен ангажман, како и со поддршка на Министерството за култура (за Годишната програма), но и на соработниците, љубителите на уметноста, уметниците, културните работници и медиумите.
„Почетокот на 2022, во месец март, го стартувавме со две вон програмски содржини. Прв настан беше изложбата со наслов ‘Процут кон женственоста’ по повод Меѓународниот ден на жената, а вториот настан ‘Париски рефлексии’ на македонските основоположници, кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни, беше организиран и реализиран во соработка со Францускиот институт од Скопје во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата. На двата настана беа претставени дела од богатата ризница на Националната галерија“, посочува Старова-Ќерими.
Во март и април во објектот „Чифте-амам“, пак, беше поставена изложбата на фотографии од Архивот Алинари (од крајот на 19 и почетокот на 20 век), насловена „Убавините на Италија“, што претставуваше своевиден времеплов низ пејзажите на Италија.
Во април, Националната галерија, како што посочува Старова-Ќерими, го финишираше обемниот и најзначаен проект за оваа година „Landscape experience” на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, односно претставувањето на Македонија на 59. Венециско биенале и отворањето на македонскиот павилјон, кој беше поставен во Scuola dei Laneri, Santa Croce 131A од 23 април до 27 ноември. Комесар на македонскиот павилјон беше Дита Старова-Ќерими, а кураторки Ана Франговска и Сања Којиќ Младенов. Проектот беше мултимедијална инсталација составена од видеопроекции, фотографии и објекти, а третираше повеќе проблеми за нашата планета и е осуда на насилството врз човекот и природата. „Со задоволство можеме да констатираме дека павилјонот постигна рекорден број на посетеност со над 50.000 посетители“, истакнува Старова-Ќерими.
Еден од настаните кои ја воодушевија македонската јавност беше ретроспективната изложба на реномираниот македонски уметник Димитар Кондовски. По изминати 30 години од неговата последна средба со македонската културна јавност, Националната галерија го претстави неговото творештво во Даут-пашиниот амам. Љубителите на уметноста изложбата можеа да ја погледнат од мај до септември. „Димитар Кондовски е еден од малкутемина македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Неверојатниот интерес, големата посетеност и на барање на публиката, изложбата неколкукратно беше продолжувана“, додава Старова Ќерими.
Во текот на летото, во прекрасниот амбиент на Чифте-амамот, пак, се претставија ликовниот уметник Иванчо Талевски со мултимедијалниот изложбен проект „Пресек: Дама со девет камења“, потоа мултимедијалниот уметник Дриант Зенели со неговата „Трилогија“, како и Кирил Гегоски со самостојна изложба на која го претстави неговото творештвото од најраните дела, па сè до денес.
Втората половина од годината, особено есенската сезона во Националната галерија донесе уште неколку значајни настани. „Портретот во фокус“ е изложбата, која го претстави богатото портретно творештво на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски. Изложбата стартуваше на 27 октомври во Даут-пашиниот амам и сè уште трае тематскиот концепт што е издвоен од творештвото на Аџиевски. „Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, а намерата на авторот била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста која ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност. Поставката, особено според концептот и поставеноста за што се произнесе и културната критика, ја потврдува и публиката која секојдневно ги ‘билда’ бројките на посетеност“, истакнува директорката на Националната галерија.
Во ноември, пак, во Чифте-амам беше реализирана изложба со ретроспективен предзнак посветена на Теофил Шулајковски-Тофе, наш еминентен ликовен автор, кој е еден од ретките македонски уметници кои досега немале ваков вид на интегрално претставување. На изложбата беа презентирани над 150 дела на македонскиот бард на акварелот, претставени беа најрепрезентативните дела од сите творечки фази, од најраните акварели, па сè до последниот, досега неизложен и необјавен. Во историјата на македонската современа уметност, Шулајковски-Тофе е една од највлијателните фигури заслужни за заживување и негување на акварелот како техника, а во своите дела често сликал мотиви од Охрид.
„Ваквиот тип на ретроспективни изложби се само основни поводи преку кои Националната галерија, како институција која над седум децении се грижи за чување и заштита на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување и едукација за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од македонската уметност“, истакнува Старова-Ќерими.
За крајот на годината, пак, беа поместени изложбата на уметничката група XXL од Бугарија во „Мала станица“, како и ретроспективна изложба на ликовниот уметник Нехат Беќири во Чифте-амамот, која сè уште може да се посети.
„Во доменот на вонпрограмските активности, несебично даваме поддршка во афирмација на уметноста надвор од програмата, поддршка на организации, друштва, здруженија и млади уметници. Располагаме со три галериски капацитети кои практично се најкумулативни, а од друга страна генератор на дополнителни обврски и трошоци кои треба да се исполнат (во време на економска криза), како од економскиот аспект така и во сегментот на ангажирање на сопствените човечки и технички ресурси кои имаат одреден капацитет. Излегуваме во пресрет на многу барања“, ќе истакне Дита Старова-Ќерими.
Токму како дел од вонпрограмски активности, таа потсети дека годинава се реализирале повеќе настани, и тоа: 19. издание на „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое традиционално се реализира на почетокот на годината во Чифте-амам, потоа документаристичка, патувачка изложба на фотографии и описи „Еволуција: маските од теснецот Торес“ на Културниот центар Габ Титуи од Австралија во „Мала станица“, омажот за сликарот Омер Калеши, кој почина во април годинава, во чија чест беше реализирана изложба во Чифте-амам, потоа промоцијата на мултијазичната платформа Fraza.mk во соработка со канцеларијата на ОБСЕ, изложбата „Доаѓаме со поклон“ на Шејла Камериќ во соработка со фестивалите „Крик“ и „Прво па женско“ во Чифте-амам, како и поддршката на Europe House Skopje во напорите за валоризација и реконструкција на Спомен-куќата на Лазар Личеноски.
Инаку, на 3 октомври беше отворена јубилејната изложба „Сава Шумановиќ и европскиот реализам меѓу двете светски војни“ во Европската престолнина на културата за 2022, Нови Сад, Србија. „Едно од најубавите ремек дела од нашата Југословенска збирка е сликата со наслов ‘Турска бања’ на Сава Шумановиќ создадена во далечната 1926 година. Таа беше наш претставник во Нови Сад и дел од јубилејната поставка. Делото ‘Турска бања’ е антологиско, спаѓа во категоријата културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење и ваквата институционална соработка меѓу неколку врвни институции од регионов е од особено значење не само во смисла на презентација на значајни автори кои извршиле влијание врз уметноста на овие простори, туку и како можност за понатамошно продлабочување и размена на дела и знаење“, додава директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими, истакнувајќи дека во наредната 2023 година оваа институција нема да ги изневери очекувањата на љубителите на уметноста бидејќи ќе го слави јубилејот, 75 години од постоењето. (Н.И.Т.)