Научниците развија „убиец на короната“ – спреј којшто го стимулира имунитетот

350

Спреј за нос, што ќе треба да се прска еднаш неделно може да обезбеди солидна заштита од Ковид-19, пишува Daily Mail. Спрејот досега е тестиран на творови, кои пред да бидат изложени на коронавирусот, примиле по две дози од средството – вештачки создадена молекула која го стимулира имунитетот.

Резултатите покажале дека спрејот ја намалил репликацијата на вирусот во носот за дури 96 проценти, намалувајќи го ризикот од инфекција и ширење на болеста.

Вештачки создадениот спреј се нарекува INNA-051 и ќе започне да се тестира на луѓе во следните четири месеци.

Производот првично беше развиен за да штити од вирусот на настинка и грип, но сè чека на одобрување, бидејќи сè уште не е докажано дека делува.

Сепак, претходните истражувања покажаа дека тој го „забрзува“ антивирусниот одговор во клетките во грлото на здрави доброволци и оние кои страдаат од астма и дека обезбедува продолжена заштита кај глувците од риновируси кои предизвикуваат течење на носот кај луѓето.

Доколку биде одобрен овој спреј, тоа може да обезбеди дополнителна заштита за оние со зголемен ризик од инфекција со Ковид-19, вклучително и постари лица и оние кои страдаат од одредени здравствени состојби.

Спрејот го развила австралиската компанија Ena Respiratory, која почнала да работи на него пред светот да го зафати пандемија на коронавирусот.

Спрејот содржи молекули дизајнирани да ги стимулираат рецепторите TLR2 и TLR6 на мукозните епителни клетки кои ги обложуваат грлото и носот, за да привлечат голем број бели крвни клетки во тие делови и со тоа да го подобрат имунолошкиот одговор.

Во развојот на спрејот за нос се инвестирани 8,24 милиони долари од страна на повеќе компании како Brandon Capital Ltd, австралиската влада, пензиски фондови и биотехнолошкиот гигант CSL Ltd CSL.AX.