Новото истражување на шведскиот институт Каролинска и Универзитетската болница Каролинска покажува дека многу луѓе со благи или асимптоматични случаи на коронавирус, имаат имунитет посредуван со Т-клетки.
„Т-клетките се вид бели крвни клетки специјализирани за препознавање клетки заразени со вирус и се важен дел од имунолошкиот систем. Напредните анализи овозможија детално да го мапираме одговорот на Т-клетките за време и по инфекцијата со коронавирусот. Нашите резултати покажаа дека отприлика двојно повеќе луѓе развиле имунитет на Т-клетки во споредба со оние кај кои можеме да утврдиме антитела“, изјави Маркус Бугерт, доцент во Центарот за инфективна медицина при Институтот Каролинска и еден од главните автори на студијата.
Во оваа студија, истражувачите објавиле имунолошки анализи на повеќе од 200 луѓе од кои многумина имале благи или воопшто немале симптоми. Студијата опфаќа пациенти на Универзитетската болница Каролинска и други пациенти, но и нивните асимптоматски членови на семејството. Вклучени се и здрави дарители на крв, кои давале крв во оваа или минатата година.
Додаваат дека пациентите со тешка клиничка слика развиле силен имунолошки одговор. Според истражувачите, тоа значи дека човечкиот имунитет веројатно е поголем одошто покажуваат тестовите на антитела.
„Нашите резултати покажуваат дека јавниот имунитет на COVID-19 веројатно е поголем од тој што го сугерираат тестовите на антитела. Тоа е многу добра вест од перспектива на јавното здравје“, вели професор Ханс Густаф Лунгрен од Центарот за инфективна медицина.
Анализата на Т-келии е посложена од тестовите на антитела, па моментално се работи само во специјализирани лаборатории, како таа во Центарот за инфективна медицина во Каролинска.
Резултатите од ова најново истражување не се минати низ стручна проверка. Додека се чека на рецензија, студијата е објавена на официјалната страница на Институтот Каролинска.