Меѓународен тим на научници започна со дупчење на Арктикот за да се зачуваат примероци од мраз стари до 300 години за анализа, пред да се стопат замрзнатите слоеви поради климатските промени, објавија во понеделник организаторите на мисијата.
Италијански, француски и норвешки истражувачи поставија камп на норвешкиот архипелаг Свалбард, како дел од, како што велат, трката со времето, чија цел е да се зачуваат клучните податоци за мразот и да се анализираат условите што преовладувале во претходниот животната средина.
Научниците ќе вадат мраз со помош на долги цевки од длабочина од дури 125 метри. Има замрзнати геохемиски траги стари и до три века.
Анализата на хемикалиите во длабоките „ледени јадра“ ќе им даде на научниците вредни информации за условите што некогаш преовладувале во околината.
Но, истовремено предупредуваат дека водата која се создава со топењето на мразот ги менува геохемиските траги, кои до сега биле зачувани во ваквиот вековен мраз.
Забележано е дека вредниот „оригинален материјал исчезнува од површината на планетата засекогаш“, изјави за AFP Жером Шапел, претседател на здружението Ice Memory, кое ја води операцијата.
„Нашата одговорност како глациолози е да обезбедиме дел од него да биде зачуван“, посочи тој.
Емисиите на јаглерод предизвикани од човекот од 19 век ја загреале планетата за 1,1 степени Целзиусови, а студиите покажуваат дека Арктикот се загрева два до четири пати побрзо од глобалниот просек.
Едниот дел од мразот што го извлекуваат цевките ќе се користи веднаш за анализа, а другиот ќе биде испратен на Антарктикот и таму ќе се чува под снегот за да можат примероците да се сочуваат за идните генерации научници.
Осум членови на мисијата поставија камп на височина од 1.100 метри надморска височина на леденото поле Холтедалфон, полно со процепи. Тие планираат да започнат со дупчење во вторник, рече Шапел.
Потфатот ќе се изведува во времетраење од три недели, на температури пониски од минус 25 степени. Во тој процес ќе сечат и извлекуваат примероци од мраз, долги еден метар и широки 10 сантиметри.
Мисијата од 700.000 евра, која е делумно финансирана од италијанското Министерство за истражување, е продолжение на серијата слични претходни екстракции на леденото јадро спроведено од здружението Ice Memory, вклучително и претходните операции на Алпите и Андите.