Науката не е етничка категорија!

Идејата на лидерите од коалицијата „Вреди“ за формирање академија на Албанците за наука и уметност во Македонија не наиде на поддршка ниту кај нивниот коалициски партнер – ВМРО-ДПМНЕ ниту кај ривалите од албанскиот политички блок – Демократската унија за интеграција. Откако се пофалија од „Вреди“ дека го започнале процесот на формирање албанска академија и дека општините ќе го финансираат ова здружение, од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со став дека МАНУ е единствената институција што ја обединува научната мисла, а критериум за членство не може да биде етничката или политичката припадност. Од ривалот на „Вреди“ во албанскиот политички блок, ДУИ, преку соопштение истакнаа дека „Вреди“ требало да го преземе управувањето со МАНУ, а не, како што велат, да дојде до „големата општинска идеја“. Негативни коментари за оваа идеја има и во стручната јавност. Универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска порача дека науката и уметностите се универзални категории и тие немаат етничко, туку вредносно значење

129

Идејата на лидерите од коалицијата „Вреди“ за формирање академија на Албанците за наука и уметност во Македонија не наиде на поддршка ниту кај нивниот коалициски партнер – ВМРО-ДПМНЕ ниту кај ривалите од албанскиот политички блок – Демократската унија за интеграција. Откако од „Вреди“, со средба со Здружението „Албанска академија на науки и уметност“ во Тетово, се пофалија дека го започнале процесот на формирање албанска академија и дека општините ќе го финансираат ова здружение, од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со став дека МАНУ е единствената институција што ја обединува научната мисла, а критериум за членство не може да биде етничката или политичката припадност. Оттаму посочуваат дека науката е столб на напредокот и просперитетот на секое општество и затоа е исклучително важно да се зачуваат нејзините автономија и непристрасност. Од ВМРО-ДПМНЕ предупредуваат дека политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе ги загрози нејзините кредибилитет и квалитет. Еден од главните аспекти на науката е нејзината способност да ги премостува разликите и да се фокусира на фактите и доказите без оглед на етничката припадност на научниците, велат од владејачката партија.

– Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција што ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници. Како критериум за членство во Академијата на науките не може да биде етничката или политичката припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто што треба и може да се политизира и етнизира. Нè радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката. Го поздравуваме тоа и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ, која бараше места само во тендерски зделки и притоа стана зелена партија. Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување извонредност и иновации. Само преку строги критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификувани ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество. Затоа мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науките останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања – наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ривалот на „Вреди“ во албанскиот политички блок, ДУИ, сметаат дека иницијативата на лидерите од „Вреди“ за општинско финансирање на Здружението „Албанска академија на науки и уметност“ е идеја што ги понижува Албанците. Од ДУИ, преку соопштение, истакнаа дека „Вреди“ требало да го преземе управувањето на МАНУ, а не, како што велат, да дојде до „големата општинска идеја“.

– И ова се случи, во екот на серијата „еден скандал на ден“, вазалите и слугите на ВМРО-ДПМНЕ во главна улога за понижување на албанскиот народ, како нелегитимни учесници, без волја на народот, во моноетничката Влада. За 30 дена нè вратија 30 години назад! Во обид да покаже некакви резултати и да го запре слободниот пад, кој ја понижува нацијата, Влен ја „основа“ „Академијата“ на науките и уметностите, која ќе ја финансираат, замислете, општините, единствен случај во светот, академско маало. Така се случи со Музејот на слободата, Детскиот театар и со десетици други општински импровизации, кои служеа за општинска манипулација. Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за наука и уметност, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до „големата општинска идеја“, што уште повеќе ги понижува Албанците – стои во соопштението на интегративците.

Негативни коментари за оваа идеја има и во стручната јавност. Универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска, преку социјалните мрежи, порача дека науката и уметностите се универзални категории, дека тие немаат етничко, туку вредносно значење и дека секаде во светот академиите се национални установи поврзани со нацијата и државата, а не со етникумите.

– Тие не се мерат и не се споредуваат на светската скала според етничките параметри, дали некој научник или уметник е припадник на една или на друга етничка група, туку според тоа дали сознанијата или уметничките дела имаат научна и вредносна тежина согласно со светски утврдените параметри. Науката и научните сознанија немаат вредност според тоа дали некој научник е Турчин, Ром, Албанец или Германец, дали тој како етнички припадник на етничка група ги утврдил и елаборирал своите научни сознанија. Не, научните сознанија се ценат и вреднуваат според научната тежина на сознанијата на светско ниво – пишува професорката на „Фејсбук“ и додава дека е сквернавење ваквата злоупотреба на науката во етнички контекст.

Претставниците и лидерите на партиите од коалицијата „Вреди“, изминатиов викенд, имаа средба со Здружението „Албанска академија на науки и уметност“ во Тетово. По средбата, од „Вреди“ најавија дека општините ќе го финансираат ова Здружение, а најавија и активности со цел да се оформи академијата како јавна установа.

– На почеток, оваа академија ќе биде поддржана од општините. Во меѓувреме, сè додека не најдеме законско решение таа да функционира во согласност со законот и поддржана финансиски од буџетот, односно од јавните пари. Ова е еден чекор за да покажеме дека Албанците, како важен дел на оваа држава, можат да придонесат и во науката, може да придонесат и во уметноста и во сите области на ова општество, затоа што цениме дека, како втор поголем народ во државата, имаме интелектуални капацитети за да основаме академија, која ќе придонесе во сите овие области за кои ќе биде основана – изјави Биљал Касами, претседател на движењето Беса, во име на коалицијата „Вреди“.

Зеќир Кадриу, секретар на Здружението „Албанска академија на науки и уметност“, во Тетово рече дека ова е нивна втора средба со коалицијата „Вреди“, која донела конкретни решенија.

Од „Вреди“ соопштија дека формирањето академија на Албанците за наука и уметност е во согласност со нивната непоколеблива посветеност за поттикнување на развојот и напредокот на националната свест на Албанците во областа на науката, уметноста и интелектуализмот. Оттаму убедуваат дека оваа академија ќе се фокусира исклучиво на науката и уметноста, без политичко вклучување. (В.С.Н.)