Науката и уметноста – водечка сила во потрагата по нови вредности за развој и хармонична егзистенција

На Европски универзитет Скопје се одржи 14. Меѓународна конференција под наслов „Современи аспекти на техничките, општествените, уметничките и медицинските системи“, во организација на Факултетот за информатика при Европскиот универзитет Скопје. На конференцијата беа презентирани повеќе научни трудови и уметнички дела од познати научници, истражувачи и научници

15

На Европски универзитет Скопје се одржи 14. Меѓународна конференција под наслов „Современи аспекти на техничките, општествените, уметничките и медицинските системи“, во организација на Факултетот за информатика при Европскиот универзитет Скопје. На конференцијата беа презентирани повеќе научни трудови и уметнички дела:

– Overview of Data Structures Comparison for Element Deletion, автори доц. д-р Маја Саревска и проф. д-р Александра Андреска-Саревска;

– Програмирање на умот, автор проф. д-р Зоран Крстевски;

– Интернет-платформата „Јутјуб“ во улога на дигитална колекција на македонската чалгиска музика, автор м-р Сандра Крагуевска;

– Перформанси на две класи едноканални двофазни системи за масовно опслужување со Поасонов влезен поток, автор асистент м-р Стефан Мирчевски;

– Дијаграм за анализа на ИТ-структура, автори дипл. инженер Викторија Андонова и проф. д-р Југослав Ачковски;

– Уметничко дело „Вие не сте за овде“, автор асистент м-р Славица Танеска.

Темата на конференцијата укажува на мултидисциплинарност, а причина за тоа се секојдневниот раст и развој на сите научни дисциплини и обидите за заеднички истражувања поврзани со уметноста.

– Општо е познато дека не може да постои напредок на научен и на општествен план доколку не се имплементираат поефикасни форми на промислување, дејствување и на однесување. Поинаку кажано, потребни се континуирани нови пристапи за донесување одлуки, расудување, креирање идеи и спроведување на идеите. Светските случувања произлезени од пандемијата, енергетската криза, економската рецесија и од воените судири длабоко влијаат врз чувството на сигурност, безбедност и перспективност на глобално ниво. Тоа генерира нов пристап кон стопанските текови, кон безбедносните прашања и кон научните современи аспекти, како клучни приоритети во современиот начин на живеење. Новото време бара и нови вредности на промислување и дејствување. Поквалитетните услови за живот на светската популација е глобална цел, така што без создавање подлога за имплементирање нови вредности, невозможно е да се изгради здраво општество и напредно човештво – велат организаторите.

Во оваа комплексна ситуација, додаваат, не треба да заостанат ниту науката ниту уметноста, туку тие да бидат едни од водечките сили во потрагата по нови вредности, односно поефективен развој и поефикасни форми на хармонична егзистенција.

Целта на конференцијата беше да се подготват, презентираат, образложат и да се соочат научни, стручни и уметнички трудови што ги констатираат и респектираат ограничувањата и стимулирањето во откривањето, анализирањето и воопштувањето на идеи, теми, прашања, проблеми и проекции во научната и во уметничката сфера. Размената на искуства, на информации за настанувањето на поединечните инспирации и начините на создавање на трудовите беше, исто така, важна цел на конференциското соочување, дебатирање и сублимирање.

Фото: Ѕ.Плавевски