Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Сите сме во кругот“

157

Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Сите сме во кругот“, во организација на „Арно“, денеска беше промовиран во средното угостителско училиште СУГС „Лазар Танев“.

Натпреварот, кој се спроведува во рамки на проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“, е отворен до 5 декември, а право на учество имаат сите жители од Скопски плански регион, со наполнети 18 години.

Согласно правилата на натпреварот продуктите од кои ќе се прават ѓевреците треба да се тежнее да се од локално потекло, а победникот ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) како се подготвува рецептот.

За него е предвидена награда во вредност од 200 евра за пишаниот победнички рецепт, и надомест во вредност од 200 евра за одржаните обуки за учениците.

– Веруваме дека скопјани се креативни, и ова е нашиот прв гриз подлабоко во зелено социјално претприемништво. Има голема симболика зошто токму ѓеврек. Засега сакаме да пренесеме дека сите сме во кругот. Треба да се гордееме со традицијата, но мора и да иновираме. Мора да купуваме локално, да јадеме локално, да мислиме на животната средина, и да мислиме на нашата иднина. Во периодот кој следи „Арно“ планира да донесе една нова економска теорија, но за тоа, одиме залак по залак. За почеток, ајде да измислиме ѓевречиња со нови вкусови, изјави Ирина Јаневска од „Арно“.

Директор на СУГС „Лазар Танев“, Небојша Вуковиќ, искрено се надева дека овој проект ќе биде успешен, затоа што се занимава со една традиција, а се обидува да иновира.

„Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ е иницијатива на „Арно“, која се имплементира во соработка со СУГС „Лазар Танев“- Скопје што се спроведува со поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Младите – агенти на променa“ кој го спроведуваат Центар за интеркултурен дијалог, Сојуз на извидници на Македонија и Центар за истражувања и анализи „НОВУС“.